Заев нов претседател на СДСМ - тројката против Кире Наумов

Заев, Јовановски и Ивановски ги спојуваат кандидатурите. Ова стана извесно по вчерашната седница на Извршниот одбор на СДСМ, каде од нив, јасно беше побарано, заеднички да му се спротивстават на Кире Наумов, единствениот кој во претседателската трка во СДСМ влезе со различна програма. 
Спојувањето на кандидатурите за Претседател на СДСМ значи дека во партијата веќе паднал договорот за тоа како ќе се распределат челните позиции. Таков развој на настаните би бил најдобро решение „за мир во куќа“ но под знак прашалник е колку ваквиот избор на партиското раководство ќе и обезбеди на партијата можност да се врати на власт.

Што може да се очекува на Конгресот на СДСМ?

Познавачи на состојбите во партијата но и високи партиски функционери веќе на големо шпекулираат дека Зоран Заев ќе биде нов претседател на СДСМ. Одлуката паднала со обраложение дека Заев имал најголема поддршка во базата. За да не останат без никакви функции во партијата, на Ивнаовски и на Јовановски веднаш им е предложена алтернатива. Така Зоран Јовановски се очекува да стане првиот премиер во сенка на СДСМ, додека Игор Ивановски најверојатно ќе го наследи Андреј Петров на местото Генерален секретар на партијата. Ивановски и сам пред неколку ден во интервју за Утрински весник рече дека не сака да биде претседател на СДСМ, туку нејзин менаџер, а тоа, најверојатно во партиското раководство било буквално сватено, па на актуелниот координатор на пратеничката група на СДСМ во Собранието, се очекува да му припадне оваа функција. 

Што со Црвенковски?


Црвенковски очигледно е подготвен да го ослободи претседателското столче, но не и целосно да се повлече од партијата. На Конгресот на 2 јуни може да се очекува вечниот лидер на СДСМ да добие титула, почесен претседател. Според нашите извори, се очекува Иницијативниот одбор за негово останување на чело на партијата да ја преформулира својата иницијатива, и наместо Претседател на СДСМ, Црвенковски да стане почесен претседател на партијата. За да не биде само „англиска кралица“ на Конгресот се очекуваат промени во Статутот на СДСМ, што на Црвенковски ќе му овзможи да биде дел од сите партиски тела. Тоа пак, за вечниот лидер е најдобрата комбинација, бидејќи ќе може да влијае на сите партиски одлуки, а во голема мера и дам да одлучува.

А.С.

најчитано сега