Музејот на Народната банка ќе го одбележи Денот на музеите

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите, во понеделник, со почеток во 12 часот, во Музејот на Народната банка на Република Македонија ќе се одржи промоција на книгата Конзервација на метални археолошки предмети од Дијана Ванчевска и Билјана Бозароска Павловска, информираат од Музејот на Народната банка. На промоцијата ќе говорат проф. д-р Биљана Минчева-Шукарова (Институт за хемија, ПМФ, Скопје) и проф. д-р Ивелин Кулев (Институт за аналитичка хемија, ФХФ, Софија).

 -Во книгата се претставени археолошките метали, техниките на нивната обработка  и научно верификуваните методи за нивната физичко-хемиска заштита. Ова единствено дело од областа на конзервацијата на металните археолошки предмети во Македонија претставува збир на конзерваторските искуства на авторките и на релевантната стручна литература за конзервација на археолошките предмети од метал, стои во соопштението од Музејот.

 Ова издание на Народната банка на Република Македонија, стои во соопштението, е обид да се пополни релативно големата празнина во однос на стручната литература од областа на апликативната конзервација, во намера да послужи во работата на институциите и поединците коишто професионално се  занимаваат со заштита на културното наследство. 

ФОТО: Денешен