Охридската Капетанија подготвува побезбедна пловидба по езерото

Во рамки на активностите на Капетанијата на пристаништа во Охрид, во тек се зафати за расчистување и проширување на влезот во Студеншишкиот канал на Охридското Езеро.

Со овие зафати треба да се расчисти дел од нараснатата трска на самиот влез во каналот, што претставува потешкотија за поголемите пловни објекти при влез и излез од каналот што во недостиг на марина претставува место каде охридските бродари и кајчари ги закотвуваат своите пловила.

Активностите ги спроведуваат самите кајчари и посади на бродови од охридската флота. Тие се координирани од Капетанијата, а во соработка со Езерската полиција и Центарот за обука на вода на АРМ.

Капетанот на Капетанијата во Охрид Горан Устијаноски објаснува дека согласно одобрението од Министерство за животна средина ширината на влезот во каналот ќе се проширува за триесеттина метри.

Инаку, во насока на зголемување на безбедноста за првпат во историјата на пловидбата на Охридското Езеро ќе се воведува практика сите поголеми бродови да бидат задолжени да поседуваат радио-станица за врска со Капетанијата, но и за контакт со останатите бродови што пловат на езерото.

- На тој начин Капетанијата ќе има можност во секоја прилика да знае каде се наоѓаат самите пловила, а доколку има потреба да може да се пружи потребна помош. Искуствата од блиското минато со големата несреќа на езерото само ја потврди потребата од поставување на безбедноста на пловидбата на највисоко можно ниво, изјави капетанот Устијаноски. 

ФОТО: Сител

најчитано сега