Волкер: Не очекувам проширување на следниот Самит на НАТО
Изјавата на Волкер доаѓа по најавите дека е можно следниот самит на НАТО да се организира уште во јуни, оваа година во Брисел, една година по самитот во Чикаго на кој Грција спречи поставување на прашањето за проширувањето. Сепак, американскиот државен секретар Хилари Клинтон, во Чикаго, изјави дека очекува веќе следниот самит на НАТО да биде самит на проширување.
- Јас ќе бидам многу изненаден ако имаме уште една тура на проширување на следниот самит на НАТО. Не верувам дека западна Европа размислува за проширување на Алијансата во овој миг. Во моментот тие се растргнати околу финансиската криза, кризата со еврото, и проблемот со невработеноста во Европа, проблеми за кои, барем пред јавноста, до одредено ниво ги обвинуваат новите земји членки на Европската Унија, а тоа мислење се пренесува и на НАТО. Мислам дека причината што Хилари Клинтон го спомна проширувањето е што од своето животно искуство знаеше дека САД не сторија доволно во изминатите четири години за проширувањето на НАТО и сакаше да испрати порака, иако веќе нема да биде државен секретар, смета Волкер.
Курт Волкер, поранешниот американски амбасадор во НАТО, вели дека не очекува и би бил многу изненаден доколку на следниот самит на НАТО дојде до проширување на Алијансата.
Поранешниот амбасадор, кој зад себе има работа на организирање на три самити на НАТО, оценува дека Босна не е подготвена за членство, Македонија е блокирана од Грција, а Црна Гора има мала шанса да добие покана, но не гледа можност да се отвора процесот на проширување само за една толку мала држава.
- Црна Гора можеби има мала шанса да добие покана на следниот самит, но треба да се запрашаме дали НАТО би одел низ сите тие махинации, да покани држава, да го почне процесот на ратификување во парламентите на членките, за земја од 600.000 луѓе, кога се уште не сме ги решиле поголемите прашања на Балканот, за Македонија и спорот за името, за Украина и нејзиното движење, за Грузија. Едноставно, не гледам подготвеност за ова, смета Волкер, кој додава дека можеме да очекуваме и заострување на критериумите за членство во НАТО.
Тој препорачува Македонија да продолжи да работи на исполнување на Охридскиот рамковен договор и интегрирање на албанската заедница, на одржување на политичка зрелост во државата, борба против корупцијата и независност на судството. Волкер, воедно вели дека, и покрај спроведените реформи во областа на економијата, Македонија се уште не може да се пофали со брз економски раст, во главна мерка поради притисокот од европската должничка криза.
На прашањето за впечатокот за отсуство на посилен американски дипломатски ангажман за решавање на спорот за името, во споредба со директната американска вложеност во дијалогот меѓу Србија и Косово, Волкер вели дека не гледа ниту големо чувство на потреба спорот за името да се реши итно, бидејќи не се чувствува притисок за итно проширување на НАТО и на ЕУ.
- Ќе имаме навистина силен притисок за решавање на проблемот само ако навистина многу сакаме да се постигне тоа, ако сакаме да го водиме напред процесот на проширување на НАТО и на ЕУ. Не го гледам тоа, ниту кај САД, ниту во ЕУ, не гледам горлива желба да се разреши ова прашање. Зошто да инвестираме во надминување на еден многу тежок проблем, ако не сакаме да дојдеме до тоа решение? Не ме сфаќајте погрешно. Јас мислам дека би требало да го правиме тоа, мислам дека е многу потребно да се обидеме да го завршиме ова прашање и да го донесеме целиот балкански регион во 21 век, но не гледам дека тоа се случува, заклучува Курт Волкер.