Собранието ги усвои измените на Законот за стечајци

 

Денеска се одржа  84. седница на Собранието на Република Македонија  на кое се донесота  измените на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година. На седницата  гласаа сите 66 присутни пратеници, без против и воздржани.

Законот е донесен по скратена постапка и со него ќе бидат опфатени  лицата кои останале без работа како резултат на приватизација на компанијата која била во државна или доминантна државна сопственост до 31 декември 2013 година.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, смета дека  со ова законско решение се очекува да се реши горлив проблем на околу 3.000 стечајци.  Тие ќе бидат материјално обезбедени со месечен надомест од околу 7.100 денари, односно 34 проценти од просечната плата исплатена за минатата година и плус здравствено осигурување. Лицата треба да имаат најмалку 25 години работен стаж, а во меѓувреме ако биле вработени, да не им е прекинат работниот однос по нивна вина или волја.

Измените на законот ги подржаа и пратениците на опозициската СДСМ, но сепак остро го критикуваа зашто сметаат дека се работи за предизборен чекор на владејачката партија и жалат што нема да важи за сите стечајци во државата и што проблемот се решава парцијално. 

Пратеничката Цветанка Иванова побара да бидат  опфатени сите  работници на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација, технолошки вишок, а работеле во општстествени фирми и фирми со државен капитал и предложи намалени критериуми за стажот.

- Ниту првиот закон од 2008 е успешен, уште повеќе нема да биде успешен овој закон. Од податоците коишто ги имаме, од вкупно поднесени околу 10.000 барања, одбиени се над 7.500 барања, а основа поради која се одбиени овие барања е дека фирмата во која  работеле не е претежно државна, а некои затоа што до денот на престанокот на работен однос под стечај, ликвидација немаат полни 25 години, рече Иванова.  

Mинистерот Спасов рече дека со законот во 2008 биле опфатени 3000 невработени граѓани кои останале без работа по основ на стечај, ликвидација и технолошки вишок, а со денешниот закон се менува законот од 2008 заради целосен опфат и дополнителни околу 3000 граѓани кои по тој основ останале без работа.  На обвинувањата на СДСМ дека манипулира, тој истакна дека процедурата е прецизно  дефинирана во законот.

- Петнаесет дена од стапување во сила од законот ќе се дефинира списокот на претпријатија во доминантна сопственост на државава. Триесет  дена по стапување во сила на законот граѓаните коишто се невработени по основ на стечај, ликвидација и технолошки кои ги исполнуваат условите дефинирани во законот имаат право и можност да поднесат барање. Колку од нив ќе поднесат барање, таа претпоставка не може да се направи. Јасно се дефинирани условите во законот и никој никого не манипулира. Токму тоа е разликата - фер односот кон гласачите и граѓаните е во решенијата кои ги нудиме. Разликата е една и единствена. Имавте и време и можност да го решите ова прашање на голем број граѓани пред многу години. Тоа не го направивте, рече министерот за труд и социјална политика.

10.02.2014 - 17:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега