Вељановски-Макино: Македонија и Јапонија ќе ја унапредуваат парламентарната соработка

Собранискиот спикер Трајко Вељановски денеска оствари средба со парламентарниот заменик министер за надворешни работи на Јапонија, Такао Макино.

Двајцата соговорници изразија задоволство од средбата, при што беше констатирано дека оваа посета претставува уште една потврда за добрите односи меѓу Република Македонија и Јапонија, кои секако и во иднина ќе продолжат да се развиваат во нагорна линија.

Од своја страна, собранискиот спикер изрази подготвеност за унапредување на парламентарната соработка помеѓу двете земји, како на ниво на средби на претседатели на Парламенти, така и на ниво на комисии и пратенички групи за соработка, додека Макино изрази лична подготвеност да се иницира повторно активирање на пратеничката група за соработка со Република Македонија во јапонскиот Диет што ќе даде дополнителен придонес во унапредувањето на парламентарната соработка помеѓу двете земји.

   На средбата стана збор за соработката меѓу двете земји на повеќе полиња, при што претседателот на Собранието изрази задоволство што Јапонија е меѓу најголемите билатерални донатори на Република Македонија. Оваа помош се реализира преку проекти во различни области, како што е проектот кој ќе се реализира оваа година од страна на јапонски експерти, за изработка на физибилити студија за реконструкција на колекторскиот систем на Охридското езеро. Парламентарниот заменик министер за надворешни работи на Јапонија, Макино, изрази задоволство од многуте завршени проекти во Република Македонија, особено проектот за водоснабдување, чии благодети граѓаните ќе ги почуствуваат во иднина.

10.02.2014 - 15:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега