Се решава проблемот на 3000 стечајци - започна собраниската расправа

Пратениците денеска во рамки на 84 седница започнаа да расправаат за Законот за стечајците. Законот се носи по скратена постапка, а со него ќе бидат опфатени оние лица кои останале без работа како резултат на приватизација на компанијата која била во државна или доминантна државна сопственост до 31 декември 2013 година. Овие лица ќе бидат материјално обезбедени со месечен надоместок од околу 7.100 денари, односно 34 проценти од просечната плата исплатена за минатата година и плус здравствено осигурување.

Министерот за труд и социјала, Диме Спасов, денеска истакна дека ќе се реши проблемот на 3000 стечајци. Лицата кои ќе бидат опфатени со законот треба да имаат најмалку 25 години работен стаж, а во меѓувреме ако биле вработени да не им е прекинат работниот однос по нивна вина или волја.

Опозициската СДСМ најави дека ќе го поддржи законот бидејќи со него се решава проблемот на одредена група стечајци, но се сомневаат дека со законот ќе им се помогне на околу 3.000 стечајци како што тврдат надлежните.

Марјанчо Николов од СДСМ вели дека ова законско решение ќе важи само за мал број стечајци и со него нема да бидат опфатени сите стечајни работници. Иако Владата вели дека ќе важи за 3.000 работници, законот ќе биде за одреден број и со тоа проблемот нема да биде решен целосно, а во реплика, Илија Китановски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Владата донела два закона со кои го решава проблемот на околу 6.000 стечајци и оти логично е законите да важат за оние фирми кои се во државна или доминантна државна сопственост.

Расправата пратениците ќе ја продолжат поедночасовна пауза.

10.02.2014 - 14:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега