Претседателот Иванов ја доби титулата почесен професор на „Ломоносов“

Претседателот Ѓорѓе Иванов, денеска на свечена церемонија на Московскиот Државен универзитет „Ломоносов“,  ја доби титулата „почесен професор“. 

Иванов на Ломоносов“ одржа предавање пред професори и студенти за историските, духовни и културни врски меѓу двете земји и народа, со научни повикувања на поголем број автори кои ја обработувале оваа тематика, јави известувачот на МИА. Иванов говореше  за книгата „Кралството на Словените“ од Мауро Орбини, објавена 1601 година во Италија, во кое вниманието му го привлекол авторот Еремије Русо цитиран во делото, за кого Орбини тврди дека во „Летописите на Московија“ од 1227 година напишал дека: „Русите односно Московјаните имале еден ист јазик како древните Македонци“. Еремије тврди дека древните Македонци зборувале словенски јазик.

Современиот македонски јазик, како официјален јазик на Република Македонија, истакна претседателот Иванов, е признат од речиси сите земји.

- Бугарија го третира како дијалект на бугарскиот. Грција пак, тврди дека македонскиот јазик воопшто не постои, иако досега барем трипати го има официјално признато, рече Иванов повикувајќи се на веќе објавени трудови по ова прашање, во кои стои дека во 1920 грчката Влада  во официјални пописни документи има графа за македонски јазик, во 1925 година, кога го издава букварот АБЕЦЕДАР  наменет за македонското малцинство во Грција и третпат со резолуцијата на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња одржана во 1977 година во Атина, истакна македонскиот претседател.

Во основата на цврстите билатерални односи, додаде Иванов, лежат висок степен на политички дијалог на сите нивоа и заедничките економски интереси.

- Тука е и принципиелната позиција на Руската Федерација во однос на употребата на уставното име на Република Македонија, но и долгата историска, духовна и културна традиција меѓу нашите народи, што одново ја откриваме на овие две изминати децении, истакна македонскиот претседател.

10.02.2014 - 13:55
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега