Новите хидроцентрали ќе донесат нови работни места

Изградбата на 80 мали хидроцентрали на повеќе локации во Македонија, ќе влијае и врз градежниот сектор и ќе донесе отворање на нови работни места, рече денеска премиерот Никола Груевски по денешната промоција на нови наслови од „Проектот за превод на 1.000 стручни книги“

Тој објасни дека новиот јавен повик за изградба на хидроцентралите е направен по приницпот на пакети за да биде поатрактивен за инвеститорите.

- Пред 10-тина дена се објави повикот за изградба на 80 нови мали хидроелектрични централи. Од нив 48 ќе бидат групирани по неколку во 16 пакети, од кои некои по два, некои по три, а една или две по пет хидроелектрани. Се одлучивме за пакети затоа што некои од хидроелектричните централи не се атрактивни сами по себе, но ставени во пакет со две, три, четири, па и пет стануваат многу поатрактивни за инвеститорите, рече Груевски одговарајќи на прашање.

ПРемиерот потенцираше дека во подготвителната фаза пред објавувањето на повикот, со потенцијалните инвеститори дискутирале за понудените пакети за да го опипаат нивниот интерес и да ги чујат коментарите.

- Откако ги собравме мислењата од сите страни, како на експертите, стручните лица, професорите, така и на бизнис фелата, компониравме пакет во кој 48 хидроелектрани ќе бидат во 16 групи, а 32 локации ќе бидат поединечно понудени да бидат дадени под концесија. На овој начин очекуваме да привлечеме домашни и странски инвеститори, потенцира Груевски.

Тој истакна дека доколку бидат изградени сите 80 мали хидроелектрични централи ќе учествуваат со 64 мегавати во електроенергетскиот систем на Македонија и ќе ја подобрат еколошката состојба. Нивната изградба ќе значи инвестиција од околу 170 милиони евра. Предвидено е хидроелектраните да бидат градени три години, а потоа 20 години да бидат експлоатирани од страна на концесионерот по што ќе станат сопственост на државата.

 

09.02.2014 - 15:40
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега