Ситуацијата во Сараево засега е мирна- нови протести најавени за попладнево

Во Сараево утрово ситуацијата е мирна, без протести, но демонстрантите најавија дека денеска попладне повторно ќе се соберат пред зградата на Претседателството на БиХ. 

Демонстрантите, кои протестираат од петокот, вчера попладнето па се до вечерта ја блокираа главната улица во центарот на Сараево. Пред заминувањето тие ги повикаа граѓаните денеска попладне повторно да се соберат пред зградата на Претседателството, укажувајќи дека на улица треба да излезат сите граѓани на БиХ бидејќи сите живеат тешко. 

Околу 200 луѓе го блокираа вчера сообраќајот во улицата пред Претседателството на БиХ во Сараево, барајќи оставка на власта. Тие бараат оставка на Владата на Кантонот Сараево и Федерацијата БиХ, како и формирање непартиски влади.

Како што јавија вчера босанските медиуми, премиерот на Кантонот Сараево, Суад Зељковиќ, од Партијата за демократска акција, поднел оставка.

Високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Валентин Инцко оцени дека доколку ситуацијата во земјата ескалира, ќе треба да се размислува и за ангажирање трупи на ЕУ.

09.02.2014 - 11:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа