Симон Трпчески ја воодушеви Бугарија

Македонскиот пијанист Симон Трпчески во петокот настапи во Софија со изведба на Концертот за пијано и оркестар број 1 од Чајковски, како солист на Оркестарот на Бугарското национално радио, под диригентската палка на маестро Емил Табаков.

Трпчески изрази изненадување што и луѓето во Бугарија ја следат неговата кариера.

- Реагираа со овации и големи аплаузи, а и честитките што ги примав потоа до долго во ноќта покажаа колку е изграден односот кон класичната музика. Чувството е навистина убаво. Професионалната соработка со музичарите значеше заемна мотивираност, дадоа се’ од себе и отсвиревме на високо ниво. Куриозитет беше фактот што претходната вечер и Софиската филхармонија со гостин од Русија го свиреше, замислете, истиот концерт на Чајковски, но салата беше полна двете вечери. Благодарен сум за убавиот прием од бугарската публика. Тој веднаш значеше покани за нови гостувања, рече Трпчески по настапот.

Тој истакна дека со голема радост го очекувал концертот.

- Ми беше мило да ја прифатам поканата на маестро Табаков, кој е веројатно најголемото диригентско име во Бугарија во моментов и да свирам во Софија заедно со неговиот оркестар, Оркестарот на Бугарското национално радио. Соработката беше многу пријатна, рече Трпчески.

Табаков,пак изрази задоволство од соработката и можноста да се реализира неговата дамнешна желба за оваа комбинација на сцената.                 

- Соработката е со големо задоволство и за мене и за сите музичари од оркестарот. Со Симон се запознавме за време на моите гостувања во Македонија, но јас за него слушав многу насекаде каде што настапував низ светот. Симон е исклучителна појава, уникатен музичар и пијанист од највисока класа. Вечерашниот концерт мислам дека беше празник за сите нас – и за музичарите и за публиката, рече Табаков. 

Концертот беше директно пренесуван на програмата на Бугарското радио, а Бугарската национална телевизија го сними со 7 камери.

09.02.2014 - 10:49
Фото: 
Журнал

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега