Што се случуваше во Македонска Каменица во текот на изминатата година?
Градоначалникот на Македонска Каменица, Дарко Митевски денеска се пофали со досега реализираните проекти во Општината.
-Поминува првата година откако по втор пат ја добивме Вашата доверба и одговорноста да ја водиме Општина Македонска Каменица. Во првиот мандат успеавме да ја извлечеме Општината од незавидната финансиска состојба во која се наоѓаше, да ја деблокираме и да започнеме со втората фаза на децентрализација. Сега кога најголем дел од инфраструктурните и комуналните проблеми се зад нас, Општината ќе се насочи кон подобрување на социо-економската состојба на сите наши граѓани. Во периодот кој е пред нас ќе се посветиме на уредување и развој на Индустриската Зона како еден од предусловите за трајна економска одржливост и просперитет. Наш приоритет е и имплементацијата на многу социјални програми кои ќе го олеснат севкупното општествено живеење, а културните и образовните активности ќе продолжат со многу нови содржини и во насока на промоција на општина Македонска Каменица како во државата, така и надвор од неа, рече денеска Митевски.
Еве ги реализираните проекти и активности кои ги наброја градоначалникот:
• Изграден и пуштен во употреба Нов Градски пазар во Македонска Каменица, кој е еден од најубавите градски пазари во регионот и е целосно финансиран од буџетот на Општината.
• Општина Македонска Каменица изработи детален урбанистички план за Индустриска Зона и се формира тим што ќе го доразвива, промовира и ќе го афирмира овој проект. Во наредниот период ќе се пристапи и кон инфраструктурно уредување на индустриската зона, кое ќе вклучува патна и комунална инфраструктура. Планираната површина на зоната е 10 хектари и ќе биде наменета за лесна и незагадувачка индустрија.
• Во согласност со општинската Програма за изградба и реконструкција на локални патишта и улици, нов асфалтен пат доби Аризанска маала во селото Саса. Асфалтирани се два крака со вкупна должина од 450 метри и ширина на делницата од 3 метри.
• Пробиена и асфалтирана беше и улица во месноста Падарница во Македонска Каменица. Улицата е долга 340 метри, со ширина од 4,5 метри.
• Најголем проект од ваков тип во последниот период е пробивањето и асфалтирањето на улицата „Горна Река“, која е со должина од околу 400 метри и ширина од 5,5 метри.
• Паралелно со асфалтирањето на оваа улица се одвиваа и целосно се завршени градежни активности, уредување и поставување на нов асфалтен слој и на платото околу автобуската станица, со што просторот околу новиот Градски пазар е целосно уреден.
• Целосно е асфалтирана улицата „Кејска“, како и крак од улицата „Вера Јоциќ“, со што се врши доуредување и асфалтирање на неуредените делови од градското подрачје на Македонска Каменица.
• Во Македонска Каменица завршија градежните активности за реконструкција на Градската секундарна водоводна мрежа. Проектот за реконструкција на водоводната мрежа е финансиран од Европската инвестициска банка преку Министерството за транспорт и врски.
• Во завршна фаза е нов зафат за водоснабдување на реката Горештица во селото Саса со кој ќе бидат трајно решени проблемите со вода за пиење, а и филтер-станицата во Македонска Каменица ќе биде максимално искористена. Во рамки на овој проект ќе се гради и нова водоводна мрежа за дел од жителите на селото Долна Саса.
• Изградено е ново монтажно училиште во селото Моштица. Монтажниот објект за Подрачното училиште на Општинското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“ во с. Моштица, општина Македонска Каменица е со површина од 109 квадратни метри. Објектот е енергетски ефикасен, има санитарни јазли, две училници, ходник и просторија за котел за греење. Училиштето чини околу 3 милиони денари, а инвеститор е Министерството за образование и наука.
• Општина Македонска Каменица започна со изградба на нови или реконструкција на постојните згради на месните заедници. Во сите селски средини кои гравитираат кон Македонска Каменица, зградите на месните заедници веќе се целосно завршени и на тој начин значително се подобрени условите за жителите да ги остваруваат своите потреби и интереси.
• Во тек е постапка за изработка на генерален урбанистички план со проширување на постојниот за подрачјето на градот Македонска Каменица, како и постапка за изработка на измена и дополнување на ДУП.
• Спроведена е постапка за избор на најповолен економски оператор за изработка на геодетски подлоги и изработка на основни проекти.
• Целосно е завршена постапката и за избор на економски оператор за тампонирање на улици и селски патишта, како и за пробивање на земјени патишта во општината Македонска Каменица
• Се продолжи со спроведување на Правилникот за новороденчиња, според кој, за секое новородено дете во општината Македонска Каменица се доделуваат еднократни парични средства, со тоа што, овој износ што досега изнесуваше 3000 денари, сега е зголемен на 6000 денари, а за првото родено дете во календарската година паричниот износ од 6000 денари е зголемен на 10 000 денари.
• Се продолжи со спроведување на Правилникот за доделување на еднократна парична помош, според кој се води грижа за лицата што припаѓаат на социјално загрозена категорија на лица, како и за категоријата на лица што имаат нарушена здравствена состојба и потреба од финансиска помош за лекување и болнички третмани.
Меѓународни проекти и меѓународна соработка
• Еден од најзначајните проекти на кои се работи во моментов е Изградбата на манастирско-туристички комплекс „Еленец“ во селото Цера, Македонска Каменица. Овој проект опфаќа изградба на пристапен пат во должина од 1,5 км, реконструкција на конаците, изградба на еко-патеки до манастирот „Покров на Пресвета Богородица“, поставување на урбана опрема и осветлување, како и туристича промоција на локалитетот. Проектот е целосно финансиран преку ИПА-Програмата за меѓународна соработка.
• По последниот повик за аплицирање со проекти на претпристапните ИПА-фондови, општината Македонска Каменица и општината Белица, Република Бугарија конкурираа со заеднички проект кој беше одобрен. Овој проект предвидува изработка на физибилити-студија, со која ќе се утврдат можностите за развој на зимски туризам на подрачјето на општината Македонска Каменица. Проектот е целосно финансиран преку ИПА-Програмата за прекугранична соработка.
• На 20.4.2013 година, во просториите на општината Македонска Каменица беше потпишан Меморандум за соработка во областа на економијата, образованието, културата и спортот.помеѓу општината Македонска Каменица и општините Касине и Рикалдоне, Италија.
• На 14.9.2013, на врвот Руен (2252 м надморска височина) на Осоговските Планини се одржа Традиционалната меѓугранична средба - Руен 2013. Средбата се организира меѓу општините Македонска Каменица и Крива Паланка, Македонија и општината Ќустендил, Бугарија.
• Наскоро ќе бидат набавени специјалните возила за собирање на смет, врз основа на Програмата „Форуми во заедниците“, проект кој ќе биде финансиран со заедничко учество на општините Македонска Каменица и Делчево и Швајцарската агенција за развој и соработка SDC.
• По повод празникот „Свети Кирил и Методиј“ беше организирана манифестација со богато културно-уметничка програма и со учество на познати македонски естрадни групи и ѕвезди.
• Во селото Цера, Македонска Каменица се одржа манифестацијата „Бабина баница 2013“, на која присуствуваа пет илјади гости од сите краеви на Македонија. Оваа манифестација се состоеше од ревијален културно-забавен дел со настап на членови на Здруженија на пензионери и натпреварувачки кулинарски дел, каде беа подготвени околу 3 500 килограми традиционален македонски оброк.
• На 28 јуни 2013 година во Македонска Каменица за прв пат се оддржа „БАСКЕР-ФЕСТ 2013“, кој е првиот меѓународен и мултикултурен уличен фестивал во Македонија.
• Се оддржа петтото издание на традиционалната културна манифестација „Каменичко Културно Лето“. На големата сцена на Градскиот плоштад во Македонска Каменица, настапија диџеите Гоце САФ и Димитри фром Чаир, кавер-бендовите Лабаво Лаваби и ПМ (Пи Ем), етно-составите Били Естебан и Ајдаред, Викторија Лоба, Александар Тарабунов, реномирани културно-уметнички друштва, Уска Кан Оркестар, Влатко Илиевски, Фолтин и балканската поп-икона Жељко Самарџиќ.
• Изградено и пуштено во употреба ново повеќенаменско спортско игралиште.
• Во контекст на подршката на спортот и спортските активности секоја година традиционално во општината Македонска Каменица се одржува Меморијален турнир во мал фудбал, ракомет, пинг-понг и баскет „Миле Јаневски-Џингар“. Оваа година меморијалниот турнир се одржа во периодот од 08 мај 2013 година до 26 мај 2013 година.
• Општината Македонска Каменица се приклучи кон големата национална акција „Македонија без отпад 2013“.
• Општината Македонска Каменица, согласно со меѓународните стандарди, започна со контрола на популацијата на бездомни кучиња.
-Во периодот кој е пред нас ќе останеме посветени на реализација на програмата и остварување на проекти, за подобар животен стандард на граѓаните и афирмирање на општината, рече Митевски на денешната прес-конференција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа