Трајковски: На граѓаните им нудат 300 денари месечно, а во СДСМ земаат и по 350.000

Со мерката што денеска ја промовираше СДСМ, оваа партија јавно ја поддржа политиката на јавни даноци и го напушта концептот на пропорционални даноци во делот на персоналниот данок на доход, изјави попладнево директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски.

Според него, најновата мерка на СДСМ за враќање на средства од персоналниот данок на доход на граѓаните со месечна плата до 12.000 денари претставува дефокусирање на јавноста од информациите за примањата на одредени членови од СДСМ.

- Станува збор за мерка со која се замајува јавното мислење и се залажуваат граѓаните со т.н. мерки со поврат од 300 денари месечно во услови кога членови на семејствата на високи функционири на СДСМ земаат по основ на менаџерски договори по 350 илјади месечно, изјави Трајковски. 

Тој оцени дека мерката е недоволно анализирана и се заснова на стари податоци од 2006 година затоа што според пресметките на СДСМ со оваа мерка би биле опфатени околу 150 илјади граѓани, а последните податоци говорат дека во 2013 година во државата околу 80 илјади граѓани земаат плата до 12 илјади денари, додека според најновите податоци од јануари околу 16 илјади граѓани имаат плата под 12 илјади денари.

- Триесет илјади граѓани од оваа наводна бројка од 150 илјади се ослободени и не плаќаат данок и на нив нема што да им се враќа. Оваа мерка може да се однесува за 80 илјади граѓани и доколку имаме сегментирање на оваа категорија, добар дел од нив или околу 38 илјади граѓани би добиле симболичен поврат од 19 денари месечно, некои по 65, некои по 82 денари,..... Како расне платата до 12 илјади денари, тие би се зголемувале до 300 денари месечно, појасни Трајковски.

Реакцијата на Трајковски уследи по денешната прес-конференција на СДСМ на која беше промовирана мерката за враќање на средства од персоналниот данок на доход на граѓаните со месечна плата до 12.000 денари. 

07.02.2014 - 18:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега