СДСМ промовираше нова економска мерка од политичката програма
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска промовираше нова економска мерка од политичката програма, со која се предвидува враќање средства од персоналниот данок на доход на граѓаните со месечна плата до 12.000 денари.
- Освен поврат на 15 проценти од Данокот на додадена вредност, на граѓаните кои имаат плата од редовен работен однос во нето износ од 12 илјади денари Владата ќе им враќа средства од персонален данок на доход, рече потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов на денешната прес-конференција.
Враќањето на персоналниот данок на доход, што претходно ќе биде уплатен од страна на работодавачите, објасни Узунов, ќе се врши на секои три месеци. Постојните лични ослободувања при пресметувањето на персоналецот ќе останат да важат и понатаму.
- Одиме со враќање на средствата од персоналниот данок, а не со ослободување од данокот, со цел, наместо кај работодавачите, парите да завршат кај граѓаните. Токму во тоа е улогата на владата – да биде праведен прераспределувач, наведе Узунов.
Узунов објасни дека мерката е наменета за подобрување на приходите и куповната моќ на сите граѓани во Македонија, а најмногу на оние со ниски примања.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа