Рилкоски: Се враќа довербата на граѓаните во Избирачкиот список
Претседателот на Државната изборна комисија Никола Рилкоски, денеска изјави дека е во тек прочистување на избирачкиот список кој ќе биде ставен на јавен увид и од него ќе произлезе дали граѓаните ќе имаат свои забелешки.
Рилкоски вели дека е повратена довербата кај граѓаните. Ова мислење го дели и членот на ДИК, Бедредин Ибраими. Комисијата, како членка на Асоцијацијата на изборните органи на Централна и Источна Европа организираше тематска работилница со која го одбележа Светскиот ден на изборите.
- ДИК работи на тоа довербата кај граѓаните да се врати. Се организиравме чекајќи го датумот за изборите, активностите се веќе отпочнати. Што се однесува до избирачите од Пустец дали ќе се јават да гласаат на територијата на Република Македонија и ќе го искористат своето право како условно речено дијаспора, тоа во овој момент не можеме да го кажеме, изјави претседателот на ДИК, одговарајќи на новинарско прашање.
Рилкоски истакнува дека во сите 80 општински комисии граѓаните ќе може да се потпишат за независните кандидати за претседател.
- Најмалку ќе имаме во сите 80 општини канцеларии каде што ќе има собирање на потписите. Ќе ја покриеме целата територија на државата и граѓаните ќе имаат повеќе поволности за да се потпишат за своите кандидати, изјави Рилкоски.
Виолета Дума, која зборуваше за членот 8 - а од Изборниот законик, смета дека во него треба да се регулира и заплашувањето на избирачите, како и делот за гласањето на дијаспората.
И извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов вели дека обидот да се стори изборна нерегуларност треба да биде казнив. - Сметаме дека ова ќе биде крајниот чекор кон превенирање на притисоците и заплашувањето врз граѓаните, изјави тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа