Во рудник за злато заробени 17 рудари по избувнат пожар

Вкупно 17 рудари се заробени длабоко под земја, во еден рудник за злато во Јужна Африка, што се наоѓа западно од Јоханесбург, откако во рудникот избувна пожар.

Инцидентот се случи доцна синоќа, на длабочина од 1.700 метри.

Претставник на рудникот „Дорнкоп“, кој е во сопственост на рударската компанија „Хармони Голд“ изјави денеска дека спасувачките екипи успеале да воспостават комуникација со осумина од затрупаните рудари.

Toj рече дека очекува осумината да бидат првите што ќе бидат извлечени на површината.

Екипите за спасување настојуваат да се пробијат до сите заробени рудари, но нивната работа е отежната поради густиот чад и одроните од камења.

Според компанијата „Хармони Голд“ пожарот е последица на „извесни сеизмички активности“ што биле регистрирани длабоко под земјата.

Синдикатот на рударите на оваа земја, меѓутоа, соопшти дека пожарот бил предизвикан од уривање на потпорен ѕид во рудникот, кој предузвикал оштетување на електричните кабли, на системот за вентилација и на цевките за вода.

05.02.2014 - 13:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега