ЕП ќе расправа за извештајот за Македонија

Европскиот парламент вечерва ќе расправа за извештајот подготвен од британскиот европратеник Ричард Ховит за напредокот на Македонија во 2013 година, пишува МИА.

Во резолуцијата за која европратениците ќе гласаат утре, Европскиот парламент уште еднаш го повикува Советот на Европската унија без одлагање да утврди датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Притоа се нагласува дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка за почеток на преговорите, иако тие треба да бидат решени пред крајот на процесот за зачленување.

Според предложениот текст, билатералните и добрососедските односи треба да бидат во конструктивен дух водејќи сметка за принципите на ОН и ЕУ.

ЕП изразува жалење што одлагањето на датумот за преговори ја зголемува фрустрацијата на јавното мислење во однос на ќорсокакот во кој се наоѓа процесот на интеграција во Унијата и ризикува да предизвика проблеми и тензии во земјата. ЕП жали и што Советот не ја повтори истата формулација од 2012 година во однос на Македонија.

ЕП ја повикува Грција да го искорсти своето претседавање со ЕУ за да даде нов елан на процесот на интеграција, со што ќе ги потврди ангажирањата од агендата Солун 2003 и ќе создаде позитивен амбиент за решавање на билатералните разлики во духот на европските вредности и да ја искористи својата раководна позиција за да изработи иницијативи кои имаат за цел излез од актуелниот ќорсокак на преговорите за изнаошање на решение.

Македонија се повикува да продолжи со реформите, но да им стави крај на политиките и практиките кои можат да претставуваат пречка за нејзината европска иднина, како и да постигне напредок во областите наведени во заклучоците на Советот на ЕУ.

Продолжувањето со одлагањето на датумот за преговори за членство, според предложениот текст, предизвикува зголемено и непредвидиливо чинење за земјата и регионалната стабилност. ЕП бара од Владата и Комисијата да направат проценки и квантитативна анализа за социјалната и економската цена на последиците од непроширувањето и политичките ризици на национално и регионално ниво од неутврудавњето на датум од страна на Советот за почеток на преговори.

Во резолуцијата се инсистира дека сите земји кандидати треба да бидат третирани според заслугата.

ЕП смета дека критериумите од Копенхаген се доволно исполнети за земјата да ги започне преговорите.

Во резолоуцијата е поздравена добрата клима на петте билатерални средби меѓу работните групи од Македонија и Бугарија и дека дијалогот од тие рамки е добра рамка за да се разгледаат чувствителните прашања од историјата, населението или другите заедничи теми меѓу двете земји, бара да бидат донесени позначајни мерки за да се постигне во корисно време билатерален  договор кој е најадекватен во тој поглед.

ЕП бара позитивен напредок во прославувањето на заеднички историски личности и настани со соседните земји. Тука е и залагањето за зајакнување на научната соработка и охрабрувањето на позитивното однесување на младите кон соседите, како изработка на учебници со педагошки материјал без идеолошки интерпретации на историјата.

ЕП жали за угледот на земјата во областа на слободата на медиумите и е загрижен за заштитата на слободата на изразување. Тука е споменат и случајот со заторањето на новинарот Томислав Кежаровски.

Во однос на новиот закон за лустрација, ЕП ја зема во предвид, исто така и загриженоста на Венецијанската комисија и Хелсиншкиот комитет во однос на уставноста на овај закон и можната негова злоупотреба.

Чудно е зошто ЕП бара од ЕК да го следи извршувањето на пресудите на ЕСЧП од страна на Македонија, со оглед дека за тоа се водат посебни процедури од соодветниот орган на Советот на Европа, Комитетот на министрите, кој засега не изразил некои поголеми забелешки во однос на ова.

Во предложениот текст се жали за отсуството на  интегрирано образование и се повикува на разбивање на стереотипите, етничките поделби и промовирањето на инклузивна двојазичност на незадолжителна основа, се осудуваат сите видови на ултранационалзиам. 

05.02.2014 - 09:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега