Институциите добро се справиле со водењето на Избирачкиот список

 

ДИК и надлежните институции добро се справиле со ситуациите во однос на Избирачкиот список пред и за време на локалните избори. Да се продолжи со иста динамика и интензитет од сите вклучени органи и институции во водењето, ажурирањето, одржувањето и подобрувањето на веќе постигнатиот квалитет на Избирачкиот список.

Ова го заклучи Работната група за проверка на избирачкиот список на денеска одржаниот работен состанок на кој изврши евалуација на спроведените локални избори 2013 и ги разгледа забелешките на избирачите и надлежните институции во однос на подобрување на ажурирањето на Избирачкиот список.  

Во правец на евентуално подобрување на утврдената методологија за водење на Избирачкиот список заклучено е лицата кои немаат важечки биометриски документи, како оние кои стануваат полнолетни до денот на распишување на изборите, да се утврди методологија да бидат вметнати во списокот заради остварување на правото на глас.

На барање на Здружението на граѓани МОСТ, МВР се задолжува да изготви информација за бројот на издадени лични карти за време на изборниот период. 

Стана збор и за промената на називите на улиците и денумерацијата на куќите во Скопје и Битола и одредбите од Законот за измена и дополнување на законот за лична карта за неменување на личните карти поради промена на називите на улиците, односно потешкотии околу утврдување на описите на избирачките места и распоредување на избирачите по избирачки места. Заклучено е дека станува збор за проблем од технички карактер за чие надминување е потребно навремено информирање на граѓанинот на кое место е распореден да гласа за да го оставри гласачкото право во случај на промена на имињата на улиците или денумерирање на куќите. Констатирана е и потреба од усогласување на институциите во однос на имплементацијата на одлуки при промена на имиња на улици. 

Во врска со техничките можности за реализација на законските обврски предвидени во член 31 став 4, 41 став 3, а во врска со член 89 став 1 точка 5 од Изборниот законик (предлог активности), кои се однесуваат пред се на можноста личните податоци на граѓаните во Избирачкиот список да се запишуваат на јазиците и писмата на кои се водат податоците во изводните евиденции во согласност со закон. Според Бедредин Ибраими, кој е претседавач со Работната група, оваа законска можност не се спроведува во пракса, а проблемот би требало да се надмине со изнаоѓање софтверско решение во однос на водењето на Избирачкиот список. 

Инаку, според Работната група, приговори оти не биле ставени на избирачкиот список до Народниот правобранител поднеле 40 граѓани, од кои потоа 39 биле вметнати во него и го оствариле правото на глас. Останало спорно само едно лице кое било забележано со исто име но со различен матичен број.  

На состанокот присуствуваа претставници од ДИК и другите надлежни институции, од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ. Од СДСМ и ДПА не присуствуваа. 

најчитано сега