Македонските пратеници ги усвоија измените на Кривичниот законик

Македонското Собрание  денеска во рамки на 84. седница ги исвои измените на Кривичниот законик, кои треба да обезбедат поголема правна сигурност за граѓаните и да спречат субјективизам во изрекување на кривични санкции од страна на некои судии или судови.

Измените, како што појаснуваат од Министерството за правда, се резултат на тоа што во досегашните анализи и истражувања направени од Владата, Министерството, судовите и Јавното обвинителство е забележано дека во Македонија во рамки на изрекувањето кривични санкции се забележуваат определени аномалии и недоследности кои ги ставаат граѓаните во нееднаква положба пред законот.

За едно исто дело, некои судови изрекувале поблаги, а други потешки и посериозни санкции кон граѓаните, а судиите не го почитуваат законскиот опсег даден за изрекување на казните, или горна и долна граница.

Анализите покажале оти досудената просечна казна во предметите се наоѓа многу под долната граница на опсегот на предвидената казна пропишана со закон, дека опсегот на казни кој што бил применет од страна на судиите е многу понизок од највисоката казна пропишана со закон, што, пак, според предлагачот, укажува дека судиите воопшто не ја користат горната граница на казните што им ја овозможува законот, а забележана била и голема невооедначеност на изречените казни од страна на различни судови.

Со измените се дава правна основа за донесување Правилник за одмерување на казните.  Правилникот треба да го изработи судот, а да го донесе претседателот на Врховниот суд на Македонија, со учество и по обезбедено мислење од Јавниот обинител и од Адвокатската комора.

Забележшите на опозицијата беа дека со овие измени се дерогира воспоставениот правен систем, дека се негираат законите и уставот. Побараа повлекување на измените и дополнителни јавни расправи.

- Не е во ред  судиите да судат по правилник, бидејќи тоа го прават согласно законите, Уставот и меѓународните договори, рече Ердоган Сарач од партијата на Турците.

Со ваквиот став се согласи и Горан Сугарески од СДСМ. Тој смета дека законот е противуставен. Јавното обинителство е орган за прогон и тоа не може да ги одмерува казните. тоа го прават судиите и тоа по закони и Устав, а не по Правилник, рече Сугарески.

Собранието денеска во второ читање ги усвои измените и дополнувањата  на законите за градење и за јавни набавки и за донации и спонзорства во јавните дејности.

Пратениците во прво читање го усвоија Законот за електронски комуникации, кој, како што истакна министерот за информатичко општество и јавна администрација Иво Ивановски треба да обезбеди одржлива ефикасна конкуренција на пазарот за електронски комуникации, регулаторна предвидливост, прецизни и транспарентни правила за регулација на пазарот, како и овозможување на едноставни процедури за влез во бизнисот на електронски комуникации и намалување на трошоците за операторите.

Закон за електронски комуникации, рече, е усогласен со три директиви,  и со барањата на Европската унија.

Со Законот Агенцијата за електронски комуникации треба да стане едношалтерски систем за сите потреби на телекомуникацискиот систем. За која било услуга доколку им е потребна на некој оператор ќе можат да се обратат и да ја започнат од првиот шалтер на Агенцијата, а АЕК според Законот за размена на податоци и документи по службена должност да се обрати до надлежните институции и да ги прибави останатите потребни документи за тој оператор.

Законот, меѓудругото треба да поттикне ефикасни инвестиции и иновации во нови и современи инфраструктури, особено за следните генерации бродбенд мрежи, како на државно, така и на ниво на локална самоуправа, но и да гарантира дека крајните корисници, вклучувајќи ги и лицата со инвалидитет, старите лица и лицата со посебни социјални потреби ќе добиваат максимална корист што се однесува до изборот, цената и квалитетот.

Јани Макрадули од СДСМ смета дека одредени решенија од законот се добри, но забележа дека мандатите на членовите и на претседателот на Агенцијата треба да бидат професионални, а не тие да можат да работат на други места.

Смета дека не треба мандатите на сите да бидат по пет години, тку да бидат скалести, за да може да се обезбеди континуитет во нивната стручност.

Собранието попладнево во прво читање ги  усвои предлог законите за електронски комуникации, за националната инфраструктура на просторните податоци на РМ, за контрола на емисии од испраливи органски соединенија при користење безнини. и за планински пакети.

 

04.02.2014 - 18:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа