Затворите претрупани - нема место за затворениците во Македонија
Народниот правобранител Иџет Мемети денеска изјави дека во поголемиот дел од полициските станици просториите за задржување на лица делумно или воопшто не ги исполнуваат стандардите, во затворите постои пренатрупаност, притворските одделенија делумно ги исполнуваат максималните стандарди, додека во психијатриските болници условите за сместување се несоодветни, но оти се реконструираат. Состојбата во местата каде што се задржуваат лица лишени од слобода, смета тој, некаде се подобрува, а некаде станува полоша.
Ова се дел од наодите од Годишниот извештај 2012 на Националниот превентивен механизам на Народниот правобранител презентирани на денешната прес- конференција. Спроведени се 32 превентивни ненајавени посети од кои 25 редовни и седум последователни. Посетени се 17 полициски станици, девет КПД и ВПД, три психијатриски болници и три други места. Обезбеден е мултидисциплинарен пристап во посетите преку вклучување надворешни експерти.
Мемети истакна дека во неколку полициски станици каде што се изградени нови простории за задржување е констатирано дека и понатаму се користат и старите простории. Новите простории имаат видеонадзор, кој е поставен за вршење контрола и затоа претресите треба да се водат во нив, вели Мемети, посочувајќи дека упатиле препорака до овие институции во однос на користењето на видеонадзорот. Според него, таквиот начин на мониторирање на вработените е добар и уреден со закон, но најбитно е како се чуваат снимените материјали.
Во полициските станици не постојат посебни простории за претрес на задржаното лице, а во некои од нив, иако постојат посебни простории за распит, се уште за таа цел се користат службени канцеларии на полициските инспектори. Задржаните лица во полицискате станици ретко го остваруваат правото на бранител, а исто така не биле истакнати правата на лица лишени од слобода.
Во затворите, пак, делумно се применуваат одредбите од Законот за извршување на санкциите. Не се почитува законскиот максимум за сместување најмногу пет лица во една колективна соба, а од друга страна не се почитува европскиот стандард од минимум четири метри квадаратни по лице. Мемети искажа загриженост бидејќи притворените лица поминуваат и по 22-23 часа во притвор. Како нехумани и понижувачки се оценети условите и сместувањето во самиците, а санитарните јазли се руинирани и делумно употребливи. Не секогаш се воспоставува однос лекар-пациент, правото на образование не се остварува законски, а ниско и незадоволително е нивото на работна ангажираност.
- Во неколку наврати искажавме загриженост за неефикасно спроведување на истрага од затворската управа при постоење сомнеж за физички напад или насилство, рече Мемети.
Според него, Управата за извршување санкции по нивна препорака затворила две простории од затвореното одделение во КПУ Затвор Скопје, како и две простории во отвореното одделение на КПУ Идризово.
Психијатриските болници се нецелосно екипирани со кадар, несоодветно се применуваат законските одредби во делот на обезбедување согласност од лицето при неговиот доброволен прием во установата, како и законската постапка при присилна хоспитализација.
Правобранителот соопшти дека неговата канцеларија испратила мислења до надлежните министерства и оти тимот за превенција имал непречен пристап до сите места на лишување, увид во документацијата, како и слобода во изборот на лицата со кои било разговарано. Дел од установите, органите и министерствата ненавремено доставиле одговори по посебните извештаи, а во правобранителството не е добиен ниту еден одговор од Министерството за здравство. Како позитивен пример ја посочи иницијативата на Министерството за внатрешни работи за одржување редовни средби.
Во својот извештај Народниот правобранител дава препораки за подобрување и превенирање на состојбите во институциите каде се задржуваат лица лишени од слобода. Извештајот ќе биде доставен до сите надлежни институции, како и до подкомитетот за превенција од тортура на ОН.
ФОТО: Дневник