Индиската ЦелГлобал сака да инвестира во нови градинки и училишта во Ѓорче Петров

Компанијата ЦелГлобал од Индија е заинтересирана за изградба на нови или реконструкција на стари објекти наменети за отворање на нови градинки и меѓународни средни училишта кои ги следат најновите меѓународни стандарди. Интересот го изразија менаџерите на ЦелГлобал на средба со градоначалникот на општина Ѓорче Петров Сокол Митровски. 

Градоначалникот Митревски на средбата ги презентираше севкупните капацитети на општината за странски инвестиции како и можностите за поддршка на инвестиции во областа на образованието.

- Инвестирањето во образованието  на детската популација и младите е секогаш добредојдено, особено кога се работи за унапредување и следење на светските трендови на едукација, рече Митровски.

Тој потенцираше дека сегашните капацитети на детските градинки не ги задоволуваат потребите за згрижување на децата од предучилишна возраст, а единственото средно училиште во општината располага со простор за изградба на ново меѓународно средно училиште. 

Митровски истакна дека во рамките на своите овластувања Општината е подготвена да обезбеди соодветна поддршка и да предложи локации и објекти за потребите на ЦелГлобал.

- Со инвестирањето во образованието на идните генерации ќе се поддржат високите и квалитетни едукативни стандарди со што на учениците ќе им се даде можност да се образуваат согласно нивните индивидуални капацитети и потреби, изјави градоначалникот Митровски.

Градоначалникот на Ѓорче Петров истакна дека Општината останува отворена за понатамошна соработка и за влез на нови инвестиции во сите сегменти на живеење и работење.

04.02.2014 - 14:34
Фото: 
Нова Македонија

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега