Во протестите во Украина нападнати многу новинари
Од почетокот на антивладините протести во Украина, пред повеќе од два месеца, биле нападнати многу новинари, соопшти денеска украинската невладина организација Институт за масмедиуми.
Најмногу новинари, вкупно 54, биле тепани од припадници на единицита на милицијата за справување со безредијата, а 21 биле нападнати од т.н. „титушки“, млади луѓе од внатрешност за кои се тврди дека се врбувани од властите за да сеат терор, соопшти Институтот.
Дваесет и седум новинари настрадале од шок бомби, а 19 се затруени со солзавец или биле поврадени од тули при судирите меѓу милицијата и демонстрантите.
Организацијата додава дека 17 новинари биле ранети или биле цели при пукање со гумени куршуми, а некои биле жртви на неколко вида насилство.
На 31 новинар му била искршена опремата за работа, а 11 биле приведени.
Според повеќе сведоштва на новинари и невладини организации, многу од овие напади биле намерни и покрај тоа што новинарите, кои известувале за судирите, носеле облека со натписот „Прес“ или носеле камери.
Организацијата „Хјуман рајтс воч“ во петокот соопшти дека регистрирала 13 случаи во кои украинската милиција намерно удрила или со гумени куршуми пукала кон новинари или лекари кои при судирите им помагале на повредени.
Слободата на медиумите во Украина долго време беше сметана за едно од главните постигнувања на прозападната „Портокалова револуција“ од 2004 година. Но, од изборот на претседателот Виктор Јанукович во 2010 година, состојбата со слободата на печатот постојано се влошува, пренесе БТА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа