ВМРО-ДПМНЕ: Парите на граѓаните се испумпувале и од буџетот на Куманово

 

На сомнителното работење на градоначалниците од редовите на СДСМ му нема крај. Освен во Општина Струмица каде Зоран Заев давал тендери на фирми на своите роднини, бизнис партнери и функционери на СДСМ, ситуацијата не е многу поразлична и во Општина Куманово каде градоначалник е Зоран Дамјановски од СДСМ, нагласи на денешната прес- конференција Александар Колев од ВМРО - ДПМНЕ. 

Според него, преку информациите и документите што ги презентираше, јасно е дека Зоран Дамјановски години наназад доделувал тендери на луѓе со кои има јасни и очигледни партиско-политички и лични релации.

- Зоран Дамјановски работи по моделот на Зоран Заев. Фирмата на сегашниот директор на ЈП Водовод Куманово, Горан Стојковски, кој е син на поранешен пратеник на СДСМ, добивала големи тендери во Општина Куманово. Прво бил добавувач, а сега и директор. Станува збор за фирмата Електро-Куманово од Куманово каде што еден од сопствениците е спомантиот Горан Стојковски, син на поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на СДСМ. Горан Стојковски во 2013 година е поставен од страна на Зоран Дамјановски за генерален директор во ЈП Водовод Куманово, појасни Колев.

Фирмата Електро-Куманово на Стојковски, во периодот од 2008 до 2010 година, информира Колев, потпишала 14 договори за јавни набавки со Општина Куманово. Електро-Куманово, посочи, со овие договори вршела набавка и монтажа на материјали за улично осветлување како и изградба на улично осветлување во Куманово.

- Преку овие договори кои ги потпишал Зоран Дамјановски, фирмата Електро-Куманово од сите 14 договори со Општината се офајдила со неверојатни 14.183.493 денари. Очигледно е дека и Дамјановски го користел истиот начин како на Зоран Заев со доделувањето на тендери на синот на поранешниот пратеник од СДСМ и актуелен директор на ЈП Водовод Куманово. Ова се цврсти докази дека општините во кои владее СДСМ се користат единствено за испумпување на пари од граѓаните, рече Колев.

Повеќе од јасно е, истакна тој, дека како и во Струмица така и во Куманово се доделувале тендери на фирми чии сопственици се луѓе од СДСМ.

- Додека Општина Куманово и јавните претпријатија се дават во долгови и се претворени во едни од најзадолжените во Република Македонија, со помош на Зоран Дамјановски од парите на кумановчани, со милионски суми профитираат фирми блиски на Дамјановски и СДСМ, потенцира на прес-конференцијата Александар Колев од ВМРО - ДПМНЕ.

02.02.2014 - 14:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега