Надминат долгогодишниот проблем на светиниколчани - пуштен во употреба локалниот пат Ерџелија – Мустафино
Локалниот пат с. Ерџелија – с. Мустафино, во општина Свети Николе денеска беше официјално пуштен во употреба. На настанот присуствувашепремиерот Никола Груевски.
- Она што беше долгогодишен проблем на жителите веќе е надминат. Сега имаме сосема нов пат кој ќе овозможи подобра комуникација со градот, помалку време за патување, подобар пристап до земјоделските земјишта и секако помали можности за уништување на возилата. Она што ние го ветивме денес е остварено, рече Груевски.
Во интерес на општина Свети Николе покрај овој проект, како што посочи, комплетно е реконструиран патот Црнилиште – Сарамзалино, направен е патот Ерџелија – Кадрифаково, се прошири и реконструира патот Свети Николе – Немањици, а е направена и делницата Мечкуевци – Куково со која првпат Свети Николе и Пробиштип асфалтно се поврзаа по целата должина на патот. Во наредниот период, најави тој, се планира и изградба на патот до Ерџелија, а она што е исто така битно за општина Свети Николе, подвлече, е хидросистемот „Злетовица“ на кој повеќе години се работи и од каде што оваа општина беше првата која започна да користи вода за пиење.
- Добрата поврзаност и патиштата кои ги градиме ќе бидат од огромно значење и за странските инвеститори да го одберат овој регион како место каде што ќе ги градат своите фабрики, рече премиерот и додаде дека по изградбата на автопатот очекува интересот за инвестиции во Свети Николе, Штип, Кочани и целиот овој регион да биде уште поголем. Има уште многу што да се направи, потенцира Груевски, но сето ова јасно говори за нашите напори и силно темпо на работа да обезбедиме развој и прогрес во сите полиња од интерес на граѓаните.
Инаку, во Свети Николе досега се реконструирани и рехабилитирани четири локални патишта во вредност од 30 милиони денари, а оваа година треба да се отпочне со реконструкција на локалниот пат од село Амзибегово до село Црнилиште, во должина од 2,5 километри.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа