Се е снимено со камера - детали од судењето за „Шпион“

Бизнисменот Минчо Јорданов бил мета на новинарот Зоран Божиновски кој го уценувал со наводни доверливи информации околу начинот на кој се приватизирало претпријатието АДГ "Бетон", а несебична помош имал од првообвинетиот Маријан Ефремов. Обвинетите Мичо Насковски и Маријан Маџовски кои се товарат дека учествувале во уцените тврдеа дека се невини и дека не учествувале во тој план, но не можеа да објаснат како и зошто биле наведени во уценувачките електронски пораки и зошто си давале пари еден на друг. За разлика од нив, обвинетиот Горан Стојков кој е обвинет за изнуда и за нелегално поседување оружје потенцираше во својот исказ дека тој никогаш не бил обвинет за шпионажа, како што било наведено во дел од медиумите, и дека за изнудата за која се товари веќе имало судски процес и пресуда за лице кое во моментот издржува затворска казна, пишува Вечер

Вчерашното рочиште почна со одбраната на Мичо Насковски кој во својот исказ ги отфрли обвинувањата против него и детално објаснуваше за фамозната "плочка" и уцените кон бизнисменот Минчо Јорданов. Станува збор за предмет кој го добил на подарок, наводен артефакт, кој немал голема вредност, но за кој обвинетиот Маријан Маџовски и уште едно лице, Блажо Јованов, му дале пари, околу осум илјади евра.

Тој во детали објаснуваше како и што се случувало и како во целата игра се вклучил и Маријан Ефремов кој требало да ја комплетира продажбата. Вредноста на таа "плочка" низ разговорите достигнувала и до десетина милиони евра. Ефремов успеал да ги наведе Маџовски и Јованов да му се колнат на верност, но и да не му соопштуваат никакви информации на Насковски околу продажбата. Иако тврдеше дека не земал ниту денар, на крајот се испостави дека постои доказ, видеоснимка, на која јасно се гледа како тој и Ефремов делат пари. Во врска со обвинувањата дека учествувал во уцените кон Јорданов, тој тврдеше дека за нив дознал преку пријателот и поранешен пратеник Зоран Витанов. Во врска со парите кои му ги дал на Маџовски, 12.600 евра за кои во обвинителниот акт стои дека биле дадени за собирање на деловни тајни, изјави дека биле за лекување на неговата болна мајка, нешто што самиот Маџовски го демантираше. Тој ја објаснуваше и неговата улога во основањето на невладината организација "Вратете насмевка" зад која стоеле Ефремов и Божиновски, а која требало да биде финансирана од фондацијата "Сорос" и дека тоа го сторил само за да може новинарот Божиновски да дојде до пари за да му го врати долгот кој се провлекувал со години.

Поранешниот шеф на кабинет на претседателот на Собраните на РМ, Марјан Маџовски, бараше неговиот исказ да биде зад затворени врати, но судот не го прифати неговото барање. Тој остана на својата одбрана дадена пред истражниот судија со мали дополнувања поради контрадикторноста во изјавите на Насковски. Маџовски изјави дека неговиот долгогодишен пријател му кажал дека фамозната плочка вреди еден и пол милион евра и додаде дека не знаел оти сите средби биле снимани од Ефремов. Околу парите кои ги зел од Насковски потенцираше дека биле за да организира средба со бизнисменот Јорданов на која тие двајца би ги изгладиле несогласувањата и би се помириле.

Обвинетиот Горан Стојков, кој е обвинет за изнуда, злосторничко здружување и недозволено држење на оружје имаше најкусо излагање пред Судскиот совет. Тој изјави дека е невин и една по една ги оспоруваше точките во обвинителниот акт против него. Според Стојков, изнудата за која се товари, а во која лице платило 30 илјади евра за да не биде објавено дека соработувал со тајните служби веќе имала судски разврска, а во текот на истрагата и процесот тој во ниту еден момент не бил споменат ниту од жртвата ниту од обвинетиот. Околу оружјето и муницијата најдени во неговиот дом изјави дека сам ги предал и дека, освен едно трофејно оружје, сите биле со дозвола.
Судскиот процес ќе продолжи за петнаесетина дена. 

Ефремов уште нема дадено исказ

Маријан Ефремов, првообвинет во скандалот "Шпион" и мозокот зад целата операција, се уште нема дадено исказ бидејќи ја подготвува својата одбрана, информираше Судскиот совет. Уште на самиот почеток на процесот, неговиот бранител, адвокатот Еленко Миланов, побара одложување на процесот поради огромниот број докази кои треба да ги разгледаат за да можат да го подготват излагањето. Според најавите, се очекува тој да сведочи пред Судскиот совет на следното рочиште.

Во досегашниот тек на постапката своите искази, но зад затворени врати, ги дадоа обвинетите Иџет Абди, Алексо Ангеловски, Зоран Костадиновски, Мирослав Зафировски и Благоја Цветановски. Во својата одбрана тие користеа класифицирани информации поради што новинарските екипи беа исклучени од процесот.

31.01.2014 - 23:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега