Вељаноски: Утре ќе ги распишам претседателските избори

Собранискиот спикер Трајко Вељаноски, во интервју за МИА вели дека утре ќе ги распише претседателските избори и ќе го соопшти датумот на нивното одржување.   

- Уставна надлежност и обврска на претседателот на Собранието е да ги распише изборите. Во конкретниот случај имаме редовни претседателски избори кои треба да се одржат во периодот од 12 март до 12 мај и јас утре, во сабота на 1 февруари ќе ги распишам и ќе го одредам датумот на одржувањето на претседателските избори. Во однос на прашањето дали ќе има или ќе нема предвремени парламентарни избори, тоа не е во моја надлежност како претседател на Собранието. Тоа е надлежност на Собранието, кое треба прво да се самораспушти за потоа да се одржат предвремени парламентарни избори. Во овој момент можам да кажам дека утре ќе бидат распишани претседателските избори, вели претседателот на Собранието за МИА.

Според Вељаноски, Собранието засега нормално работи.

- Тоа само покажува дека ние не смееме да бидеме под влијание на моменталната атмосфера. Законите, односно одлуките што треба да ги носи Собранието не смеат да бидат под влијание на вештачки или на некој друг начин создадена атмосфера во јавноста, вели претседателот на Парламентот.

Доколку се одржуваат само претседателски избори, Собранието нема да работи нешто повеќе од еден месец пред првиот круг.

- Генерално не постои обврска Собранието да не работи, но има едно воспоставено правило според кое нешто повеќе од еден месец пред одржувањето на изборите не држиме пленарни седници за да не се претвори пленарната сала во место за кампања, а и секако да им се озвозможи на пратениците да учествуваат во кампањата, истакнува Вељаноски во интервјуто за МИА.

Тој изрази задоволство од донесувањето на измените и дополнувањата на Изборниот законик, кои беа усогласени и од власта и од опозициите. Вељаноски се надева дека учесниците ќе ги применат на изборите и на крај од изборниот процес ќе ги признаат резултатите онакви какви што се.

- Се надевам дека изборите ќе поминат во една демократска и мирна атмосфера и народот ќе одлучи онака како што смета, вели Вељаноски.

Вељаноски вели дека се чуствува придвижување на политичките дијалог.

- Генерално, можам да кажам дека условно сум задоволен како функционира политичкиот дијалог во овој момент и во Парламентот и воопшто, но секако има уште простор за негово унапредување. Верувам дека како што изминува времето уште подобар и поцврст ќе биде политичкиот дијалог во Собранието, како што покажа и случајот со договорот за Изборниот законик. Се надевам дека и имплементацијата на препораките за промена на одредени правила во Собранието, како што се правилата од Деловникот и Законот за Собрание ќе доведат до тоа политичкиот дијалог да се врати на нормален  колосек, како што беше пред да се случат немилите настани, истакнува Вељаноски во интервјуто за МИА.

31.01.2014 - 10:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа