ФЗОМ обезбеди седум нови здравствени услуги

Директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова, денеска на прес-конференција истакна дека ФЗОМ склучил нови договори со 11 јавни здравствени установи, како и со уште четири нови ЈЗУ, а обезбеди и седум нови здравствени услуги за осигурените лица за 2014 година.

- Условните буџети се еден успешен проект на Фондот кој го воведовме пред три години за да ја олесниме терапијата, да ги намалиме листите на чекање или да обезбедиме дефицитарни здравствени услуги во јавното здравство, а се тоа во соработка со здруженијата на пациенти, потенцира Парнарџиева Змејкова.

На прес-конференцијата беше истакнато и дека се воведуваат нови здравствени услуги кои досега не постоеле во Македонија и тоа воведување е преку условните буџети.

- Првпат во Македонија се воведува реконструкција на дојки по мастектомија во еден акт, договорено со Клиниката за торакална хирургија и се однесува за 40 пациентки, трансплантација на црн дроб - договорено со Клиниката за дигестивна хирургија и се однесува за пет пациенти, 20 интервенции за кадаверична трансплантација на бубрези на Клиниката за урологија (нешто што досега одамна не се случувало во Македонија), потенцира Парнарџиева Змејкова и додава дека се воведува и зголемување на условните буџети за осум здравствени установи, а се однесува за седум здравствени услуги: Фако методата која годинава ја воведуваме со двојно поголема квота (ако досега во ГОБ „8 Септември“ и во Клиниката за очни болести сме финансирале 2.470 фако методи оваа година во условните буџети на двете клиники бројот е зголемен на 4.500 фако методи), услуга каде очекуваме да нема листи на чекање или ако има да се намалуваат).

Според Парнарџиева-Змејкова зголемен е бројот пациенти (со мултиплекс склероза, ревматоиден артрит) кои ќе добиваат најсовремена терапија, како и бројот на лица кои годинава ќе добијат кохлеарен имплант со што се укинува листа на чекање. Се зголемува бројот на трансплантации на коскена срцевина на Клиниката за хематологија и на трансплантации на бубрези од жив донор на рекордни 40 на Клиниката за урологија. Реконструкцијата на дојка по мастектомија на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија наместо 10 пациентки годинава ќе може да им се направи на 47 пациентки.

 

30.01.2014 - 15:30
Фото: 
канал 5

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа