Димовски: Од кој стан Шеќеринска заработува по 5317 евра месечно за кирија?

            Радмила Шеќеринска пријавила во својот анкетен лист дека издава еден стан за годишна кирија од 3 911 641 денари. Преведено во евра тоа значи дека од издавање на само еден стан Радмила Шеќеринска годишно остварува приход од 63 811 евра или 5 317 евра месечно.

            Јавноста бара прецизен одговор. Каков е тој стан кој во Скопје кој може да се издаде за 5 317 евра месечно?

            Го поставивме ова прашање и вчера, но не добивме одговор ниту од Радмила Шеќеринска, ниту од СДСМ.

            Без намера да предизвикаме нервоза и без намера ова прашање да биде разбрано како негативно, би потенцирале дека госпоѓата Шекеринска мора да даде одговор како е возможно месечно да инкасира 5 317 евра од кирија за издавање на еден стан.

            Каков е тој стан? Каде се наоѓа? Колкава површина е? Како е опремен?

            Ако госпоѓата Шеќеринска има одговор на главното прашање и на овие потпрашања добро е побрзо тој одговор да го даде и на јавноста и на својата партија.

            Ако пак нема одговор и ако нема документи кои може да ги приложи во врска со оваа мега афера во зародиш, тогаш ние од ВМРО-ДПМНЕ до неа имаме повеќе прашања.

            Прво, дали оваа цена е пазарна, знаејќи дека и најлускузните и најскапите станови во Скопје може да се изнајмат за не повеќе од 700 до 800 евра месечно. Кој е тој кој уплаќа во домашните приходи на Радмила Шеќеринска по 5 317 евра месечно? Дали имаат договор и на која сума плаќаат данок?

            Второ, дали можеби вака напумпан и нереален приход од  5 317 евра за издавање на само еден стан е основ за сомнеж дека станува збор за сосема друг тип на приходи кои на овој начин се претставуваат за легални или пак можеби станува збор за веќе постојни пари кои Шеќеринска на овој начин ги легализира и постапно ги пријавува за приход на своето семејство?

            Трето, колку вкупно средства има инкасирано семејството на Радмила Шеќеринска по овој основ? Дали го издавале станот една, две, три или повеќе години?

            Ако станот е издаван две години тоа значи дека семејството на Радмила Шеќеринска остварило приход од 127 622 евра, ако го издавале три години тогаш сумата која е инкасирана е 191 433 евра, ако го издавале четири години тогаш пак е вртоглави 255 244 евра приход по основ на издавање на само еден стан. Дали е малку, токму или премногу треба да одговори почитуваната Шеќеринска.

            Знаејќи го фактот дека Радмила Шеќеринска во својот анкетен лист пријавила еден стан од 178 метри квадратни и уште неколку помали станови, но и знаејќи го фактот дека таа живее во овој најголемиот од цели 178 метри квадратни, ја прашуваме за кој од овие остамати станови таа наплаќа 5 317 евра месечно?

 

            Се надеваме дека овие наши прашања ќе бидат разбрани конструктивно и европски, како што милува Радмила Шеќеринска, бидејќи во Европа е недозволиво политичар да остварува толкав голем приход кој по здравата логика не е ниту пазарно основан, ниту пак реално возможен.

(Интегрален текст од прес конференција на Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ)

29.01.2014 - 13:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа