Еве што сработија пратениците денеска
Собранието на Република Македонија во рамки на продолжението на 82. седница констатира дека предлог-законите за изменувања и дополнувања на законите за здравствена заштита, за агенциите за привремени вработувања, за вработување и работа на странци, за вработување и осигурување во случај на невработеност и за социјална заштита, сите во прво читање, се прифатливи и може да се дадат на натамошно читање.
Првото читање го поминаа и предлог-законите за изменување и дополнување на законот за јавните патишта, за поштенските услуги и за градење.
Заменик-министерот за транспорт и врски Џелал Бајрами во образложението на измените на Законот за јавните патишта рече дека со нив се предвидува дека отстранување на оштетените возила и возилата во дефект од општинските и локалните патишта на територијата на соодветната општина или градот Скопје може да го вршат правни или физички лица врз основа на лиценца издадена согласно одредбите од Законот.
- Лиценца може да добие домашно правно или физичко лице ако ги исполнува следните услови: да е впишано во Централниот регистар на Република Македонија и да има регистрирано приоритетна дејност, да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила за отстранување на оштетени возила и возила во дефект или да има договор за лизинг, да има вработено во редовен работен однос минимум еден возач во возила што ги исполнуваат условите пропишани со прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата. Возачите вработени кај субјектот треба да поседуваат уверение за положен курс за давање итна медицинска помош, посочи Бајрами и додаде дека со Законот се утврдува дека лиценцата се издава на неопределено време.
Во образложението на измените на Законот за поштенските услуги, заменик-министерот за транспорт и врски Џелал Бајрами истакна дека станува збор за мала измена на Законот, но, како што рече, од посебно значење.
- Во суштина се одложува либерализацијата на универзалните поштенски услуги. Намето таа да почне на почетокот на 2015 година, се предлага либерализацијата да почне во 2017 година, додаде Бајрами.
Во Собранието не помина Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на сведоци, поднесен од пратениците Павле Трајанов и Лилјана Поповска. Предлагачот Трајанов истакна дека измените се предлагаат со цел да се елиминира една нелогичност кога во прашање е лажен сведок односно откривање на идентитет на заштитен лажен сведок.
Пратениците од опозицијата истакнаа дека поддржуваат секакво решение со кое ќе се намали казната на новинарот Томислав Кежаровски. Тие сметаат дека тој не го прекршил законот.
За пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа против иницијативата за измени на Законот, тоа е добра мотивација за размислување во таа насока и носење добро решение. Владеачкото мнозинство се противи на политизирањето на таа тема, додавајќи дека во Македонија нема новинари политички затвореници.
Собранието на Република Македонија продолжува со работа утре во 11 часот, најпрво со 80. а потоа со 82 седница.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа