Компании од Ирак заинтересирани да започнат бизнис во Македонија

Компании од Курдистан се заинтересирани за увоз на македонски земјоделски производи, особено овошје, но и за инвестиции. Ова беше соопштено денеска на бизнис-форумот кој се одржа во Стопанската комора на Македонија.

- Имаме многу малку информации за македонското стопанство и трговија. Затоа и дојдовме тука, да се запознаеме непосредно, да воспоставиме директни односи со вашите компании, што ќе биде мост за натамошна соработка. Потенцијалот е огромен од двете страни, мора да се искористи, рече Јасин Рахим Фарај од Трговско-индустриската комора на Сулејманија.

Тој истакна дека сакаат да ја изградат својата економија и повторно да постигнат напредок во индустријата и земјоделството. 

-  Заинтересирани сме и за вложувања во Македонија. Досега увезувавме ваши производи, најмногу овошје, но сакаме соработката да ја прошириме на сите нивоа, како и директно да комуницираме со земјоделците, напомена Фарај.

Според Стопанската комора, размената меѓу Македонија и Ирак е незавидна. Сепак, за нас ова е перспективен пазар.

- Размената минатата година беше само 3,4 милиони долари што е 15 отсто намалување во однос на 2012-та. Максималната вредност од вкупно 7,5 милиони долари се постигна во 2011 година. Претходно, во 2010-та, по организираните средби со ирачки компании, се зголеми за трипати во однос на 2009-та. Притоа, доминраше извозот на свежо јаболко, рече Љубица Нури од Комората.

Трговско-индустриската комора на Сулејманија и Стопанската комора на Македонија денеска на форумот потпишаа Договор за соработка.

28.01.2014 - 13:17
Фото: 
економски.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа