Седници на четири собраниски комисии
Во македонското Собрание денеска седници ќе одржат комисиите за финансирање и буџет, за надворешна политика, за транспорт, врски и екологија и Законодавно-правната комисија.
На седницата на Комисијата за надворешна политика, четворица македонски амбасадори ќе дадат отчет за извршување на амбасадорката функција и ќе ги претстават платформите за новите должности.
Кире Илиоски ќе реферира за должноста амбасадор во Кралството Шведска и Република Финска и ќе ја претстави својата платформа како новоименуван амбасадор и шеф на постојаната мисија при меѓународните организации во Виена. Амбасадорот Пајо Авировиќ со отчет за должноста амбасадор и постојан претставник на Република Македонија во ОН и со платформа за амбасадорската функција во Државата Израел, отчетно обраќање на Илија Исајловски за вршењето на должноста амбасадор во Руската Федерација и платформа за НР Кина, а амбасадорот Зоран Дабиќ ќе има отчет за должноста постојан претставник на РМ при меѓународните организации во Виена и платформа за новата функција - амбасадор и шеф на Постојаната мисија на Република Македонија при НАТО во Брисел.
Членовите на Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе расправаат за Предлог-закон за изменување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај (прво читање); Предлог-национална програма за железничка инфраструктура 2014 - 2016; Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за градење (второ читање) и за Годишната програма за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2014 година.
Комисијата за финансирање и буџет ќе расправа за шест предлог закони во второ читање - за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, Законот за експропријација, Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, Законот за вршење на сметководствени работи, Законот за игрите на среќа и за забавните игри и на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи.
На дневен ред на Законодавно-правната комисија е Предлог-законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини (прво читање); Предлог-закон за изменување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај (прво читање); Предлог-национална програма за железничка инфраструктура 2014 - 2016 и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за градење (второ читање).
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа