Премиерот Груевски оствари средба со Хојт Брајан Ји

Претседателот на владата Никола Груевски и  Хојт Брајан Ји, заменик помошник на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави, ги поздравија одличните политички и економски односи помеѓу Република Македонија и САД и истакнаа задоволство од континуираниот тренд на унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес, соопшти владината прес-служба за средбата која попладнево се одржа во Владата на РМ.

Премиерот ги истакнал преземените реформи за унапредување на стандардите во европските и евроатлантските интеграции како стратешка цел на државата.

“ Тој додаде дека Република Македонија високо ја цени поддршката со која Соединетите Американски Држави придонесуваат во процесот на реформите и во меѓународните односи на нашата земја. Премиерот Груевски ја истакна посветеноста на нашата земја во процесот кој се води под покровителство на Обединетите нации за надминување на разликите од наметнатиот спор и за напредок во европските и евроатлантски интеграции”, соопшти прес-службата на Владата.

Двајцата соговорници изразиле задоволство од соработката во областа на економијата и искажале интерес за понатамошно унапредување и динамизирање на економската соработка во сите области. Притоа биле акцентирани поволностите кои Република Македонија им ги нуди на странските инвеститори и позитивните трендови на инвестиции на американските компании во земјава, кои  придонесуваат во економскиот развој и во отворањето нови работни места. 

“Премиерот Груевски и заменик помошникот секретар Ји позитивно ја оценија соработката на двете земји во рамките на НАТО и во рамките на меѓународните мировни мисии и придонесот кој нашите мировници го даваат во активностите на НАТО Алијансата”, стои во соопштението за средбата на Груевски и Хојт Брајан Ји.

27.01.2014 - 18:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега