Како на филм: На 100 страници опишани злoделата на обвинетите во “Шпион“

19-мината обвинети во случајот „Шпион“ денеска седнаа на обвинителна клупа.

Застапникот на јавното обвинителство за организиран криминал, на денешното, прво рочиште го прочита обвинителниот акт, напишан на 100 страници. Според него, групата која се занимавала со шпионажа, уцена, изнуда, издавање државни тајни била формирана во 2009 година и функционирала до 2012-та година.

Според обвинителниот акт, осумнаесетмината обвинети, следејќи инструкции од првообвинетиот и злоупотребувајќи ги своите позиции како вработени во АР, УБК, воено разузнавање, мобилен оператор, државен архив, финансиско разузнавање, македонско Собрание, изготвувале извештаи кои потоа му ги предавале на првообвинетиот. Тој потоа ги испраќал овие информации до припадници на унгарската разузнавачка служба, но и на разузнавачиод Грција и други земји, користејќи кодни имиња и специјален сателитски систем. Информации главно протекувале од АР, но и од УБК. Според обвинението, од земјава излегле податоци и имиња на оперативци, податоци за начин на работа, лица кои биле под опсервација на македонските служби, податоци за вахабисти, податоци за безбедносната состојба во земјава. Информациите биле испраќани до странските служби во вид на извештаи или како скенирани документи со предзнак државна тајна.

Дел од обвинетите ќе одговараат за изнуда и уценување. Меѓу жртвите се нашол и познат бизнисмен и екс вицепремиер, кого тројца од обвинетите го уценувале да им даде пари, за да не се пишува против него во порталот на новинарот Зоран Божиновски, кој во моментов е во екстрадиционен притвор во Србија. Обвинетите уценувале и поранешен функционер, кој е осуден на затворска казна, но со години е во бегство.

27.01.2014 - 15:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа