Расмусен: Решение на спорот со името па покана за членство во НАТО

Покана за членство на Република Македонија во НАТО ќе биде испратена штом ќе биде најдено заеднички прифатливо решение за прашањето за името на земјата со Грција, се вели во денешниот годишен извештај на генералниот секретар Андерс Фог Расмусен за делувањето на НАТО и ситуацијата во светот.

Според МИА, во однос на земјите-кандидати за членство во НАТО, во извештајот на Расмусен се наведува дека Алијансата ќе одржува посебно тесни врски со сите четири земји-кандидати: Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Грузија.

- Во 2013 година е постигнат одличен прогрес во исполнувањето на стандардите на НАТО, но потребен е понатамошен прогрес за овие земји да станат членки на Алијансата, се наведува во овој дел од извештајот на Расмусен, каде за Македонија е поставено решавање на прашање на името како единствена блокада за и официјално да стане членка.

Во однос на тоа дали на агендата на Самитот на НАТО во септември ќе се најде и проширувањето, од НАТО за МИА велат дека „нема сомнеж дека ќе се повтори политиката на отворени врати, како што тоа се правеше на претходните Самити”.

- Се уште има време и очекуваме ажурирана оценка на сите четири земји-кандидати пред Самитот, па последната одлука ќе се направи врз основа на таа база, потврдуваат високите извори на Алијансата за МИА.

На прес-конференцијата на која беше презентиран годишниот извештај, Расмусен посочи дека главни точки на годинешниот Самит на НАТО ќе биде повлекувањето на трупите на Алијансата од Авганистан и идната тренинг-мисија. Тој го искритикува односот на авганистанските власти кон меѓународната заедница, пред се во однос на политичката одлука за ослободување од затвор на некои затвореници што убиле НАТО-војници.

- Ако авганистанските власти одлучат сами да делуваат, без помош на меѓународната заедница, тогаш нема да имаат пари да им дадат плати на своите 370 илјади припадници на полицијата и војската,предупреди Расмусен.

Првиот оперативец на Алијансата се осврна и на ситуацијата во Украина, осудувајќи го насилството и повикувајќи ја владата на поранешната советска република да го обезбеди правото на мирни демонстрации.

За проблемот со изградбата на седиштето на НАТО во Брисел, Расмусен посочи дека тоа е одговорност на Владата на Белгија, како земја-домаќин, кои ги известиле дека инвеститорот со кого е склучен договор во 2004 година, известил оти му треба повеќе време и пари. 

27.01.2014 - 14:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега