Џафери се сретна со Аврамопулос

Македонскиот министер за одбрана на Република Македонија Талат Џафери, денеска во Атина оствари средба со неговиот грчки колега Димитрис Аврамопулос. Двајцата министри потпишаа Протокол за соработка меѓу двете министерства за 2014 година.

- Оваа средба е од посебно значење за односите меѓу нашите две министерства. Оваа средба денеска покажува дека нашите институции имаат капацитет да ги надминеме сите проблеми што се на патот на комуникација, рече Џафери по средбата.

Како што истакна македонскиот министер, потпишувањето на Протоколот за соработка за 2014, е уште еден показател дека министерствата и соодветните армии можат да изнајдат сила за да ги надминат проблемите во односите кои ги имаат државите.

- Јас сум убеден дека основата за разговори за изнаоѓење решение за проблемот кој што стои меѓу нас околу името на државата е тема која што во иднина би требало да се интензивира меѓу соодветните институции, и во тој контекст можам да констатирам дека во разговорите што ги имавмее меѓу двете делегации, уште еднаш заклучивме дека тој проблем не е пречка ние да ги продлабочиме и да ги прошириме сите елементи на соработка меѓу двете министерства, истакна Џафери.

Тој увери дека сите овие пораки ќе стигнат до граѓаните и институциите, и „во тој контекст јасно и недвосмислено и граѓаните на двете држави и институтциите соодветно ќе ги разберат без никаква резерва по однос на коментарите што ги имаме во врска со ова прашање“.

Џафери изрази поддршка за напорите на претставникот на ОН во комуникацијата што ја има сопретставниците на македонската и грчката Влада.

- Се надеваме на скоро изнаоѓање соодветно решение кое што, конкретно, нам ќе ни отвори пат кон полноправно членство во евроатлантските институции и рамо до рамо, како полноправна членка со сите земји, да можеме и понатаму да ги продлабочиме и зајакнеме нашите односи, рече Џафери по средбата.

27.01.2014 - 14:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа