Студентите ќе учат претприемништво директно од компаниите

 

На студентите им е неопходна активна соработка со компаниите за да бидат конкурентни на пазарот на труд. Од факултетите добиваат теоретска настава, но не и, велат, доволно пракса.

Токму на ова ќе се посвети проектот „Претприемништвото - иднина на студентите“ што беше промовиран денеска, а ќе го реализираат Стопанската комора на Македонија и Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).

- Целта е студентите да научат како сопствената идеја да ја преточат во бизнис и полесно да се приспособат на барањата на пазарот на трудот. За тоа, освен теоретско познавање, неопходни се и желба и амбиција, беше истакнато на денешната прес-конференција.

За проектот, од пријавените околу 100 студенти, селектирани се 50, кои ќе имаат можност да присуствуваат на обуките што ќе ги држат предавачи од компани и банки-членки на Комората. Обуките ќе опфаќаат пишување бизнис планови, јавно зборување, презентирање, маркетинг трикови, промоција на производи преку социјални медиуми, информирање за кредити за самовработување и развој на мали претпријатија.

Критериум за избор на студентите беа кратки бизнис идеи. Меѓу најдобрите десет се креирање консултативно биро за привлекување странски инвестиции, инсталирање централно греење од отпад, продажба на занаетчиски производи, редизјанирање и репарирање на стар мебел, идеи кои ги понудиле студенти од Граджениот, Машинскиот, Правниот, Економскиот факултет,...

Стопанска комора на Македонија и Студентскиот парламент при УКИМ по промоцијата потпишаа Меморандум за соработка што во иднина ќе донесе слични проекти.

27.01.2014 - 13:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега