Се одбележува 69 годишнината од ослободувањето на Аушвиц во Полска
Делегати од различни држави, пратеници, духовни лидери, воени ветерани и поранешни затвореници им оддадоа денеска почит на лицата, кои ги загубија животите во еден од најголемите нацистички концентрациони логори Аушвиц-Биркенау.
Организирани се различни манифестации по повод 69-годишнината од ослободувањето на логорот при пристигнувањето на советските војници, во полскиот град Освиенцим, во чија близина се наоѓа логорот.
Гостите во музејот, поставен во дел од поранешниот логор, поминаа низ познатата порта со напис „Трудот те ослободува“ (Arbeit macht frei). Тие положија цвеќе и запалија свеќи покрај ѕидот на екзекуциите, крематориумот, на гробовите на затворениците и на местата на гасните комори.
Во Краков денеска попладне ќе се одржи меѓупарламентарна седница со учество на пратеници од Израел, Полска, Чешка, Грција, Франција, Естонија, Литванија, Италија, Германија, Шпанија и Унгарија. Средбата е насловена како „Размисли за Аушвиц, во спомен за минатото и со поглед кон иднината“.
Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон ги повика денеска Европејците да останат будни во борбата против расизмот и предрасудите.
“На овој ден во спомен на Холокаустот треба да го сочуваме споменот за таа трагедија. Почитувањето на човековите права и разноликоста е во основата на принципите, кои ги брани ЕУ”, нагласи Ештон.
Пред 70 години нацистите во Аушвиц депортирале околу 430.000 Евреи од Унгарија, од кои повеќето биле убиени. Според различни оценки во Аушвиц биле убиени или починале од 1,5 до четири милиони лица.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа