Државата издвои 525 милиони денари за нови 4.000 вработувања

Maкедонската Влада преку оперативниот план за активни мерки за вработување, најави вработување на над 4.000 лица во 2014 година. За оваа намена се издвоени 525 милиони денари од буџетот на Република Македонија, АВРМ и МТСП.

Јавниот оглас за вработување на лица преку три мерки од оперативниот план, ќе биде објавен на 3. февруари.

Првата мерка е наречена  „Прва шанса“ и е наменета за субвенционирање на вработување на млади луѓе до 29 годишна возраст со завршено високо образование. Од оваа категорија ќе се вработат 50 лица и за нив државата ќе издвојува по 13.000 денари месечно. Работодавецот потоа е задолжен овие лица да ги задржи на работа најмалку 6 месеци.

Втората мерка предвидува вработување на лица според нивните вештини во рамки на секторот „транспорт“. Потребно е овие лица пред најмалку две години да имаат положено за возачка Ц-категорија. Државата ќе ги субвенционира обуката за полагање како и првото полагање за добивање на Д-категорија. По положувањето, лицата ќе бидат вработени во рок од три месеци.

Третата мерка е за обука кај познат работодавач. Ќе бидат вработени лица со статус активни баратели на работа, а приоритет ќе имаат лица до 29-годишна возраст и лица на возраст од 50 до 59 години.

Работодавачот, во првите три месеци ќе зема субвенции од државата од 5.700 денари, а потоа е должен на работа да задржи 50% од нив. Потоа државата за овие лица ќе издвојува по 13.000 денари месечно, а работодавецот е должен да ги задржи на работа уште 12 месеци.

27.01.2014 - 13:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега