Иванов го честита празникот Свети Сава

 

Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов упати честитка до припадниците на српската заедница во Македонија, по повод денешниот празник Свети Сава.

Денешниот празник, се вели во честитката, е посветен на една од најзначајните личности на српската историја и црква. Денот на Свети Сава претставува еден од најзначајните верски и национални празници на српскиот народ, насекаде во светот.

- Српската, како и другите етнички заедници во Република Македонија, преку негување на традицијата и наследството од старите генерации гради цврсти односи на заемно почитување, разбирање и унапредување на општествениот и целокупниот развој на земјава, вели Иванов.

Одбележувањето на денот на Свети Сава, српскиот светец, просветител и државник, посочува Иванов, значи прославување на неговата мисла и дело, но и почит кон припадниците на српската заедница во земјава, кои учествуваат во создавањето и во зајакнувањето на Република Македонија на економски и општествен план.

- Славејќи го денот на првиот српски архиепископ ја потврдуваме заедничката определба за соживот, меѓусебно разбирање и доверба. Во духот на неговото живеење и учење да ги потврдиме заложбите за негување и за почитување на заедничките вредности, да се обединиме во заедништво за да создадеме подобра иднина и поубав живот за сите наши граѓани, се вели во честитката упатена од претседателот Иванов по повод празникот Свети Сава до припадниците на српската заедница во Република Македонија.

27.01.2014 - 11:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега