Претпријатијата се потешко до кредити, за разлика од граѓаните
Во банкарскиот сектор, заклучно со март, продолжува трендот на одржување висока ликвидност. Кај кредитната активност, годишните промени упатуваат на забавување на кредитирањето на претпријатијата, додека кредитите на населението имаат умерено побрзо зголемување. Депозитната основа се одржува на стабилно ниво, при што се уште е присутен трендот на побрз раст на денарското штедење во однос на штедењето во девизи.
Ова е заклучокот на денешната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, на која што беа разгледани податоците за банкарскиот сектор заклучно со март 2013 година.
Во соопштението се наведува дека ликвидноста во банкарскиот систем во земјата и натаму се одржува на релативно високо и стабилно ниво, при што банките активно ги користат монетарните инструменти. На домашните пазари се одржува релативно висока доверба помеѓу пазарните учесници, што овозможува продолжување на трендот на тргување со депозити на подолги рочности до 3 месеци и умерено зголемување на тргувањето со хартии од вредност. На девизниот пазар, движењата се под влијание на вообичаените сезонски фактори, при што е забележано зголемување на трансакциите на меѓубанкарскиот девизен пазар.
На седницата на Комитетот беа разгледани и последните макроекономски проекции и најновите макроекономски показатели, при што е оценето дека новото макроекономско сценарио не се разликува значително во однос на претходните проекции. Показателите за активноста за првото тримесечје и оцените за факторите на растот во следниот период придонесоа за задржување на досегашните оцени за економскиот раст. И понатаму се очекува дека ова закрепнување нема да биде доволно силно за да предизвика поголеми притисоци во економијата преку каналот на побарувачката. Инфлациските изгледи за 2013 година се променети во надолна насока, во услови на помала остварена инфлација од очекуваната и очекувања за помали притисоци од увозните цени. И покрај намалувањето на девизните резерви во последниот период, што е вообичаено сезонско движење, проекциите за надворешната позиција на економијата и понатаму упатуваат на простор за нивно зголемување до крајот на годината. Проценетите показатели за адекватност на резервите укажуваат на ниво на девизни резерви, во наредниот период, што е доволно за справување со евентуални, непредвидени шокови. Во услови кога динамиката на монетарниот раст е во рамки на очекувањата, при истовремено задржување на претпоставките за растот на економија, задржани се и претходните оцени за забрзување на кредитниот раст до крајот на годината. Сепак, посочуваат во соопштението, во услови на неизвесен амбиент, и покрај расположливиот финансиски потенцијал за кредитирање, согледувањата на банките за ризиците имаат голема улога во определувањето на обемот на новото кредитирање. Оттука, и оваа проекција на кредитниот раст е придружена со надолни ризици, условена од очекувањата и довербата на субјектите во економијата. Во овој контекст, НБРМ во натамошниот период ќе ја оцени потребата од преземање дополнителни мерки за поттикнување на кредитниот раст.
Општо земено, новите проекции на НБРМ укажуваат на задржување слична макроекономска слика од јануарскиот циклус, која предвидува бавно економско закрепнување и платнобилансна позиција која обезбедува натамошно одржување на девизните резерви на адекватното ниво. Позначајна промена е тоа што сега се предвидуваат малку послаби инфлациски притисоци, во споредба со јануарските оценки. Ризиците околу остварувањето на ваквото макроекономско сценарио се уште се главно од надворешна природа, а се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст. Остварувањето на овие ризици може да има неповолни ефекти врз патеката на девизните резерви, преку повеќе пунктови во билансот на плаќања. Воедно, и покрај намалените инфлациски притисоци, базичната инфлација и понатаму е релативно висока. При вакви макроекономски услови и оценети ризици, а имајќи го предвид извршеното монетарно олабавување од почетокот на годината, кое во финансискиот сектор се пренесува со одредено временско задоцнување, засега постојната монетарна поставеност се оценува како соодветна.
Имајќи ги предвид најновите макроекономски и финансиски показатели, на седницата на Комитетот беше одлучено максималната каматна стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 3,5 отсто, а на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на достасаниот износ (24.020 милиони денари). На тој начин, монетарната политика преку одржување ниски каматни стапки, придружено со преземените мерки кај задолжителната резерва, создава простор за поактивно кредитирање на приватниот сектор. Народната банка во наредниот период, стои во соопштението, внимателно ќе ги следи движењата на кредитниот пазар и доколку оцени дека има потреба, ќе направи соодветни промени со цел да поттикне позначителна кредитна поддршка на правните субјекти.