За сите домаќинки- чинии кои не треба да ги миете

 

Студиото за дизајн "Tomorrow Machine" од Шведска произведе прекрасни чинии и шолји од целулоза, а она што е уште неверојатно за нив е фактот дека истите не треба никогаш да се мијат.

Оваа вест  најмногу ќе ги израдува домаќинките ширум светот.

Прототипот на овие необични садови е плод на соработката на споменатото студио, истражувачката компанија "Innvetia" и Кралскиот институт на технологии во Стокхолм, а истиот е изработен по барањата на шведската Федерација за шумска индустрија.

Новиот производ има за цел да го претстави квалитетот на новите материјали развиени врз база на целулоза, а она што е најважно е податокот дека истите се многу лесни, неверојатно цврсти и лесно се обликуваат.

Инженерите истакнуваат дека производот штеди ресурси, а не бара користење на вода или хемикалии за да остане чист. Целулозната пулпа се формира најпрво во лист, а потоа преку загревање се обликува.

"Материјалот станува цврст како керамика, но е многу полесен и истиот не може да се скрши при падот", велат дизајнерите Хана Билквист и Ана Глансен, кои што се специјализирани за изработка на амбалажа за храна.

Иновацијата нема само да им ги олесни животите на луѓето, туку ќе помогне и при заштитата на околината затоа што ќе се заштеди вода, енергија и нема да се користат најразлични хемиски препарати. Сепак, станува збор за целосно нова технологија која и понатаму е во фаза на развој и се уште не е подготвена за индустриско производство.

"Нашата визија како дизајнери е да создадеме подобар свет преку истражување, нови технологии и интелигентни материјали. Веруваме дека преку креативното користење на науката е можно да се создадат иновации на иднината", истакнуваат Билквист и Глансен.

23.01.2014 - 16:17

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега