Ќе “летаат“ казни за грешката со парцелата кај НБРМ

 

Агенцијата за катастар на недвижности ќе покрене дисциплинска постапка против сите инволвирани при издавањето податок во кој е наведено дека парцелата спроти НБРМ е во целосна сопственост на Република Македонија, рече директорот Славче Трпевски на денешната прес-конференција.

- Референтот кој го работел овој предмет направил превид и го консултирал само катастарскиот план, но не и имотниот лист. Кога го издал податокот навел дека целокупната градежна парцела и сите катастарски парцели од кои е сочинета се во сопственост на Република Македонија иако во имотните листови состојбата не била таква, рече Трпевски.

Грешката ја открила Внатрешната контрола на Агенцијата за катастар која на барање на Министерството за транспорт и врски направила увид во целиот предмет.

- Превидот е отстранет и веќе се издадени точни податоци до Министерството за транспрот и врски. Во градежната парцела влегуваат и 320 метри квадратни од парцела со вкупна површина од 370 метри квадратни која е вратена со денационализација на три физички лица и уште во 2009 година е запишано дека земјиштето е во нивна приватна сопственост, рече Трпевски, изразувајќи жалење за направениот превид. 

Посочи дека дигитализацијата на катастарските планови е клучна за во иднина да не се случуваат вакви грешки, бидејќи и да се сака тоа не ќе може да се направи зашто системот нема да дозволи. Додаде дека нема информација за слична грешка на друго место или на друго подрачје.

- Катастарската општина Центар во која е и земјиштето кај НБРМ во моментов се одржува аналогно. Во 2009 година кога се запишани овие имотни листови референтите  требало хартиено да ги нацртаат тие катастарски парцели на планот, но тие тоа не го направиле. Оттаму е превидот што го направил референтот кој го издал документот,  бидејќи само планот го консултирал, а не и имотните листови каква што е вообичаената процедура која треба да се примени во случајов, истакна Трпевски.  

Тој најавува дека ќе бидат преземени постапки за да се видат сите инволвирани страни во случајот и да се оценат одговорностите за секој поединечно. Ќе биде покрената дисциплинска постапка која може да биде од 20 проценти казна, па до отказ од работа.

Агенцијата за катастар на недвижности има запишано 4,2 милиони парцели и 1,5 милиони имотни листови. Годишно Агенцијата прима по еден милион предмети. Во Македонија има 1.900 катастарски општини од кои 900 се веќе дигитализирани. Се очекува целосната дигитализација да заврши до крајот на годинава.

23.01.2014 - 16:05
Фото: 
Економски.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега