Шпанија ги поддржува евроинтеграциите на Македонија

Шпанија е поддржувач на евроинтеграцијата на Македонија и на проширувањето на ЕУ во Западен Балкан, потенцирал шефот на шпанската дипломатија, Хозе Мануел Гарсија-Маргаљо и Марфил на денешната средба со вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими, кој е во работна посета на Кралството Шпанија. 

Според информациите од Кабинетот на вицепремиерот, Бесими во Шпанија се сретнал и со претседателот на шпанскиот Сенат, Пио Гарсија Ескудеро, како и со претседателот на Конгресот, Хесус Мариа Посада Морено. Во разговорите Бесими акцентот го ставил на прогресот на Република Македонија во реализирањето на барањата од Европската комисија и добиената препорака за започнување на преговорите за членство во ЕУ, по петти пат оваа година. Тој истакнал дека ова е еден показател за посветеноста на земјата во исполнувањето на условите за членство во Унијата.

Бесими потенцирал дека Република Македонија е посветена на градењето и негувањето на добрососедските односи.

- Во случајот на отвореното прашање со Република Грција е потребно поголемо ангажирање на двете страни и вклученост на меѓународната заедница со цел што побрзо постигнување на взаемно прифатливо решение меѓу двете земји, со што би и се отворил патот на Република Македонија за започнување на преговорите со Унијата. Тое е во корист на целиот регион и ЕУ, посочил Бесими.

Во врска со пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), претседателот на шпанскиот Сенат, Гарсија Ескудеро посочил дека преку оваа алатка Република Македонија, во периодот додека се реши отвореното прашање за името, нема да има застој, туку ќе работи во реализирањето на реформите за пристап кон ЕУ.

Шефот на шпанската дипломатија, Хозе Мануел Гарсија-Маргаљо и Марфил, и претседателот на Конгресот, Хесус Мариа Посада Морено на средба со Бесими ја истакнале потребата за понатамошно продлабочување на економската соработка меѓу двете земји и негувањето на добрите билатерални односи преку размена на искуства од областа на културата, образованието, судството, борбата против корупцијата и користењето на Европските фондови, се наведува во соопштението.

Бесими ја потенцирал важноста од добивањето на поддршка од Шпанија и од другите земји членки на ЕУ, за прогресот на земјата во евроатлантските интеграции.

23.01.2014 - 15:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега