Сите партии се согласија - Собранието ги донесе измените на Изборниот законик

 

Македонското Собрание со 69 гласа за, шест против и ниту еден воздржан ги донесе измените и дополнувањата на Изборниот законик.

Измените и дополнувањата беа донесени со консензус од сите политички партии и на власт и во опозиција. Во преговорите со свои предлози не учествуваше само ДПА.

Министерот за права Блерим Беџети го образложи предлогот, истакнувајќи дека тој е важен како од аспект на зачленувањето на земјата во ЕУ и за трансперентност на изборниот процес.

- Со овие активности кои се преземаа во Министерството за правда, работната група и политичките партии освен исполнетите препораки од ОБСЕ/ОДИХР имаме и квалитетно решение кое ги исполнува стандардите на ЕУ да бидат изборите фер, демократски и транспарентни, рече Беџети додавајќи дека иако за секој изборен циклус досега Македонија добивала пофалби во насока на организирање коректни и демократски избори, сепак верува дека по ова усогласување и воспоставување прифатливи стандарди за сите транспарентноста ќе биде на потребното ниво.

Според него, решението нуди коректност за политичките партии, како за оние кои се на власт, така и за оние кои се во опозиција.

Меѓу новините што се предлагаат ги напомена донациите кои се утврдени на 50.000 евра од правно лице, што е во целосна согласност со препораките на ОДИХР, потоа наместо невидливото мастило гласачите на денот на гласањето ќе се обележуваат дека гласале со видливо мастило кое ќе се избрише за 24 часа, се менува и составот на избирачките одбори во дипломатско конзуларните претставништа каде претседателот на тој одбор се бира од дипломатите, а заменикот и членовите од редовите на администрацијата и партиите.

Со измените е предвидено во предизборниот период  одделување на активностите на државата од партијата, забрането е отпочнување со градби, ставање камен-темелници, пуштање во употреба на објекти изградени со буџетски средства. За непочитување на оваа одлука предвидена е затворска казна од шест месеци до една година.

Забрането е да се врши исплаќање субвенции, плати, пензии, социјалнa помош и други материјални надоместоци од буџетски средства кои не се редовни месечни примања, како и исплаќање годишни трансфери од Буџетот. За секој носител на јавна функција кој ќе исплати субвенции, плати, пензии, социјална помош и други материјални надоместоци од буџетски средства ќе се соочи со казна затвор од три до пет години.

Обврска на министерот за финансии е да ги објавува сите финансиски исплати во изборен период и обврска да достави изборен финансиски извештај во преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи во Буџетот. За непочитување на оваа одлука е предвидена казна затвор од шест месеци до една година.

Исто така, МВР треба  да врши ажурирање на избирачките списоци четири пати во годината и да се направи посебен извод на лица кои на денот на изборите се во странство, како и тоа партиите да можат да бараат корекција на избирачкиот список.

Радиодифузерите треба да обезбедат избалансирано медиумско претставување, а известувањето за редовните активности на државните органи или општините во изборниот процес не смее да биде во корист на ниту еден политички субјект.

Измените и дополнувањата на Изборниот законик предвидуваат новинари, уредници, презентери да не смеат да учествуваат во предизборните активности на политичките партии.

Предвидена е забрана за платено политичко рекламирање од денот на распишување на изборите до почеток на изборната кампања. Исто така, од тој датум ќе има забрана за објавување на реклами финансирани од Буџетот. Рекламирањето ќе биде ограничено на 12 минути во текот на изборната кампања и јавно ќе биде утврден ценовникот.

МРТ за време на изборната кампања треба да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма, што значи една третина за настани од земјата, една третина за настани од владата и една третина за настани на опозицијата. За непочитување на оваа законска одредба следува разрешување на директорот.

Дополнително Собранискиот канал ќе обезбеди бесплатно рекламирање по три часа и за опозицијата и за владејачките партии.

- Со ова законско решение се исполнуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а согласноста на политичките субјекти во Република Македонија ќе создаде уште посилни предуслови за транспарентен изборен процес. Ќе се унапредиме во оваа област, што е многу важно како за нас, така и за нашата евроинтеграција, истакна Беџети.

Предложените измени ги поздравија и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, ЛП, ДПА се изјасни дека ќе гласа против, а Ердоган Сарач од Движењето за национално единство на Tурците во Македонија се изјасни дека ќе биде воздржан.

Цветанка Иванова од СДСМ ја поздрави постигнатата усогласеност за изборниот законик, додавајќи дека ова е само усмен договор меѓу политичките партии, кој денеска ќе го претвориме во форма закон.

- Успеавме низ еден преговарачки процес, со аргументирана дебата и дискусија, да усогласиме голем број  препораки од ОБСЕ/ОДИХР. Единствена препорака што не успеавме да ја усогласиме или за која не разговаравме и не ја отворивме во преговорите е препораката за гласањето на дијаспората. Наш заеднички договор е таа да се отвори во оној момент кога ќе имаме први парламентарни избори, истакна Иванова.  

Според неа, ова е прв чекор кој може да гарантира фер изборен процес, меѓутоа, како што додаде,  од искуство знаеме дека и најдобриот законик не може да гарантира фер и демократски избори, ако нема политичка волја од оние кои учествуваат во изборниот процес. - Затоа политичките партии што се на власт ќе бидат на сериозен тест на првите наредни претседателски избори што ќе се случат наскоро. И тогаш ќе покажат навистина дали она за што сме постигнале согласност имаат политичка волја да го имплементираат на терен, потенцира Иванова.

Додаде дека како партија очекуваат оваа усогласеност да се имплементира на првите наредни претседателски избори, а за отворените прашања остануваат отворени за натамошно усогласување.

Александар Спасеновски од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, го поздрави постигнатиот консензус околу овој предлог и потенцира дека ваквиот начин на постигнување согласност треба да стане пракса и да се применува и за други отворени прашања во земјата.

- Донесувањето на овие измени се чекор напред без разлика што Макоднија и во минатото имаше позитивни мислења околу организирањето на изборите. Со постигнатиот договор  Република Македонија оствари три цели. Ги надминуваме воочените слабости од страна на меѓународните организации, ја зголемуваме довербата меѓу политичките партии и се испраќа порака дека за одредени прашања постои и функционира политичкиот дијалог во РМ, рече Спасеновски.

Тој додаде дека спроведување на изборниот процес е таков тип на активност каде е пожелно да има согласност меѓу што повеќе политички партии.

Ивон Величковски од ЛП рече дека нема да ги поддржи измените на Изборниот законик, бидејќи, како што додаде, со нив не се нудат суштински промени.

Поддршка на предложените измени и дополнувања не даде и ДПА. Беким Фазлиу посочи дека нема консензуален договор,  оти договорот е едностран, иако во него учествуваше СДСМ и оти предлогот е антиалбански - Консензуален договор е тогаш кога ќе има договор меѓу најголемите четири политички сили во земјата, затоа што и законот така го дефинира тоа. Се друго е само едностран договор, рече Фазалиу.

Ердоган Сарач посочи дека ќе биде воздражан во гласањето бидејќи, според него, при измените на овој закон требало да стане збор и за квотата на националностите. Смета дека и Турците треба да имаат три пратеника, а не два како досега.

Предложените измени ги поздрави и ДУИ. – Ова е процес исклучително значаен за земјата. По еден долг период на преговори политичките партии успеаја да ги усогласат своите ставови и демонстрира дека имаат доволна политичка зрелост и доволна политичка одговорност и знае во битни моменти да процени како да ги води процесите, рече Ермира Мехмети.

Таа додаде дека процесот на усогласување на предложените измени и дополнувања беше конструктивен и цивилизиран со еден исклучок со одбивањето да учествува во него ДПА. Таа изрази жалење што тие не учествуваа во тој процес.

Во однос на предвидени измени таа рече дека најголеми напори се напрвени за да се одделат активностите на државата од партиските. За поздравување, според неа, е што нема да може да се располага со средствата на државата додека не завршат изборите, како и измената која се однесува за замена на жена пратеник од листата со женa.

Собранието со 69 гласа за, шест против и без воздржани го донесе и Законот за дополнување на Кривичниот законик по скратена постапка.

По редовната пауза пратениците ќе ја продолжат седницата со расправа по измените на Кривичниот законик во прво читање.

23.01.2014 - 15:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега