Лидерот на Независни Грци: Времената спогодба е веќе истечена

Лидерот на грчката партија Независни Грци, Панос Каменос упати пратеничко прашање до грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, во кое истакна дека Времената спогодба од 1995 година била истечена.

Каменос побара од Венизелос да ја открие вистинската содржина на разговорите за името, прашувајќи дали има вистина во информациите дека на маса е предлогот Нова Република Македонија и каков би бил опсегот на употреба на името во овој случај.

- Парламентот да биде информиран дали актуелната Влада има намера да распише референдум ако некогаш се постигне заемно прифатлив компромис за името и дали планирате да не известите за Времената спогодба од 1995, која веќе е истечена, но молчеливо се продолжува на неодредено време ?, се вели во вториот дел од пратеничкото прашање на Каменос.

Со Времената спогодба меѓу Македонија и Грција од 1995 година, тогашната власт ја прифати референцата поранешна југословенска Република Македонија, а истовремено се откажа од користењето на сонцето од Кутлеш и го отстрани од знамето.

Времената спогодба предвидува Грција да не го блокира членството на Македонија во меѓународните организации под Времената референца пјР Македонија, обврска која Атина со години ја крши и покрај пресудата од Судот во Хаг во врска со грчкото вето за членството на Македонија во НАТО.

23.01.2014 - 12:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега