Средба на директорите за одбранбена политика на земјите од Јадранската повелба

Република Македонија ја искажа својата подготвеност и посветеност да даде свој придонес кон новата мисија на НАТО во Авганистан по 2014 година, како и да се вклучи во планирачкиот процес за истата, нагласи државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски, во денешното обраќање на експертската средба на директорите за одбранбена политика на земјите членки на Јадранската повелба (групата А5) со која претседава Република Македонија.

- Овој состанок е од исклучително значење пред се оти се промовира и развива дијалогот меѓу земјите од Балканот,се разговара за тема што е суштинска за секоја држава а тоа е одбранбената политика и се промовираат иницијативи кои значат зајакнување на безбедноста на Балканскиот полуостров, првенствено имајќи ги на ум одбранбените буџети кои ги имаат државите, изјави државниот секретар на МО, Стефаноски.

Тој го повтори ставот дека Република Македонија ќе продолжи да партиципира во ИСАФ Авганистан и по 2014 година, во насока на помош на авганистанските сили во нивните центри за обука и во советодавните мисии.

Во услови на економска криза и намалени одбранбени буџети, рече државниот секретар, потребно е да се вложат големи напори во развојот на заедничките воени способности, согласно концептот „паметна одбрана“. Во тој контекст беа споменати регионалните центри за обука како РАЦВИАЦ во Хрватска, тренинг центарот за мировни операции во Босна и Херцеговина, нуклеарно-биолошко-хемискиот регионален тренинг центар во Србија, Центарот за обука на хеликоптерски пилоти во Црна Гора и, секако, Регионалниот тренинг центар за комуникации и Медицинскиот тренинг центар во Република Македонија, мрежа кон која треба да се вклучи и армискиот полигон „Криволак“.

На средбата на која свое учество имаат делегации од Република Македонија, САД, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Словенија и НАТО-Канцеларијата за врски во Република Македонија, основната цел е унапредување на одбранбената соработка, како и подготовка за претстојниот состанок на министрите за одбрана на земјите од А5, во јуни во Охрид.

ФОТО: Утрински

најчитано сега