Влада на РМ: СДСМ да престане да манипулира - пари за реклами во исто време добија сите национални телевизии

 

СДСМ да престане да се занимава со лажни обвинувања и ситно политиканство туку да се фати за работи. Владата во писмено соопштение ги демантира наводите на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, за наводно корумпирање на медиумите. Соопштението од владината прес служба го пренесуваме во целост.

Во интерес на вистинитото и објективно информирање сакаме енергично да ги демантираме сите манипулации, конструкции и лажни обвинувањата за некакво наводно корумпирање на медиумите кои денес на прес конференција ги изнесе портпаролот на СДСМ Петар Шилегов.

 

Владата на Република Македонија во рамките на редовното и тековно работење реализира активности за информирање на граѓаните за определени проекти кои се реализираат, за определени права и можности кои ги воведуваме за граѓаните преку проектите и за промоција на вредности кои се од интерес на граѓаните.

 

Тие активности за информирање на граѓаните преку медиумите се реализираат преку сите национални и локални медиуми, односно покрај на ТВ Сител, се реализираат и на ТВ Телма, ТВ Канал 5, ТВ Алсат, Тв Алфа и други национални и локални телевизии.

 

 Сите активности за информирање на граѓаните за проектите, за правата, за можностите и за вредностите се реализираат согласно закон и склучените договори каде што детално се уредуваат предметот на договор и правата и обврските на двете страни кои ги склучуваат договорите.

 

 Би сакале да истакнеме неколку факти:

 

Прво, средствата за исплата на обврските по однос на тие активности за информирање на граѓаните преку медиумите, а за кои говори г-дин Шилегов, се средства за исплата на обврски не за седум дена како што лажно тврди Шилегов туку за обврски кои се настанати во период од скоро година и половина дена.

 

 Второ, тие средства се исплатени за обврски кои се настанати за реализација на информативни активности преку медиумите кои се однесуваат исклучиво на владини проекти, на права и можности кои се воспоставуваат за граѓаните и за промоција на вредности во општеството, и само за тоа, а не за нешто друго како што лажно измислува и обвинува Шилегов.

 

 Трето, покрај на ТВ Сител истите овие активности за информирање на граѓаните за владините проекти, правата и можностите за граѓаните и промоција на вредностите во општеството, се реализираат во истиот период и на ТВ Телма, ТВ Канал 5, ТВ Алфа и ТВ Алсат, врз основа на склучени договори со нив со кои се согласиле страните потписнички.

 

Четврто, во периодот кога се извршени овие исплати кон ТВ Сител по основ на заостанати обврски за реализација на активности за информирање на граѓаните и врз основа на склучени договори, извршени се и исплати и кон ТВ Телма, ТВ Канал 5, ТВ Алфа и ТВ Алсат.

 

Петто, активностите за информирање на граѓаните и исплатите по основ на оваа ставка се направени за следните работи:

 

Исплатите во првата недела од март 2013 година  се однесуваат за  извршени емитувања од четвртиот квартал на 2012 година и првиот квартал на 2013 година, по доставени фактури во јануари 2013 година:

1. Емитувања на ТВ спотови за уписи  на Академија за судии и јавни обвинители, со кои се соопштуваат условите за конкурирање

2.Емитувања на ТВ спотови за  промовирање на реформите во функционирањето на судскиот систем во Република Македонија, со кои се соопштуваат правата и можностите на граѓаните

3.Емитувања на ТВ спотови Истражија ја Македонија, со кои се поттикнува развој на туризмот во земјата 

4.Емитувања на ТВ спотови Macedonia timeless, со кои се  информира за владини проекти

5.Емитувања на ТВ спотови за објаснување на последиците од абортусот, и емитувања на ТВ спотови за поволностите и паричната помош кои се овозможуваат за трето и четврто дете

6.Емитувања на ТВ спотови за промоција на вредностите од мултиетничкото и мултирелигиско општество, за  меѓу етнички и меѓу религиски соживот.

 Овие спотови и соопштенија се емитувани на сите национални телевизии и соодветно е извршена и исплата по фактурираните обврски од нивна страна доставени во тој период.

 

 Исплатите од последната недела на јуни 2013 година се однесуваат за извршени емитувања во вториот квартал на 2013 година, по доставени фактури во мај и јуни 2013 година за следниве работи:

1.Емитувања на ТВ спотови Истражија ја Македонија, со кои се поттикнува развој на туризмот во земјата 

 

2.Емитувања на ТВ спотови за промоција и привлекување на странски туристи во Република Македонија, со кои се промовираат поволностите кои се обезбедуваат за домашните компании за привлекување на странски туристи и се во функција на развој на туризмот

3. Емитувања на ТВ спот за 1.600 вработувања за социјално ранливи категории преку ЈП Македонски Шуми, со кои се соопштуваат условите и процедурата за конкурирање на граѓаните за овие работни места.

 Овие спотови и соопштенија се емитувани на сите национални телевизии  и соодветно е извршена и исплата по фактурираните обврски од нивна страна доставени во тој период.

 

 Исплатите од последната недела на август 2013 година се однесуваат за извршени емитувања во трет квартал 2013 година, по доставени фактури од трет квартал 2013 година за следниве работи:

1.Емитувања на ТВ спотови Семејни вредности, за промоција на вредностите

 

2.Емитувања на ТВ спотови за објаснување на последиците од абортусот, и емитувања на спотови за поволностите и паричната помош кои се овозможуваат за трето и четврто дете

3.Емитувања на ТВ спотови за промоција на вредностите од мултиетничкото и мултирелигиско општество, за меѓу етнички и меѓу религиски соживот.

Овие спотови и соопштенија се емитувани на сите национални телевизии  и соодветно е извршена и исплата по фактурираните обврски од нивна страна доставени во тој период.

 

Исплатите од последната недела на октомври 2013 година се однесуваат за извршени емитувања во трет квартал 2013 година, по доставени фактури од трет квартал 2013 година за следниве работи:

1.Емитувања на ТВ спотови за одбележување на 110 годишнината од националниот празник 2-ри август Илинден

2.Емитувања на ТВ спотови за одбележување на 22 годишнината од државниот празник 8-ми Септември.

 Овие спотови и соопштенија се емитувани на сите национални телевизии и соодветно е извршена и исплата по фактурираните обврски од нивна страна доставени во тој период.

 

 Исплатите од втората недела на ноември 2013 година се однесуваат за извршени емитувања во трет квартал 2013 година, по доставени фактури од октомври  2013 за следниве работи:

1.Емитувања на ТВ спотови за Претприемништво, за промоција на можностите од претприемништвото

 

2.Емитувања на ТВ спотови за Иновативност, за промоција на можностите кои ги обезбедува иновативноста

3.Емитувања на ТВ спотови Истражи ја Македонија, со која се поттикнува развојот на туризмот

4.Емитувања на ТВ спотови за одбележување на државниот празник 23-ти Октомври, Денот на македонската револуционерна борба

5.Емитувања на ТВ спотови за одбележување на националниот празник 11-ти октомври, Денот на народното востание.

Овие спотови и соопштенија се емитувани на сите национални телевизии и соодветно е извршена и исплата по фактурираните обврски од нивна страна доставени во тој период.

 

Исплатите од последната недела на ноември во 2013 година се однесуваат за  извршени емитувања во ноември 2013 година, по доставени фактури од ноември  2013 за следниве работи: 

1.Емитувања на ТВ спотови за Претприемништво, за промоција на можностите од претприемништвото

2.Емитувања на ТВ спотови за Иновативност, за промоција на можностите кои ги обезбедува иновативноста.

Овие спотови и соопштенија се емитувани на сите национални телевизии и соодветно е извршена и исплата по фактурираните обврски од нивна страна доставени во тој период.

 

Шесто, сите овие емитувања и исплати се реализирани согласно законските процедури при што склучени се договори покрај со ТВ Сител и со ТВ Телма, ТВ Канал 5, ТВ Алфа, ТВ Алсат и други телевизиисогласно член 8 став 2 од Законот за јавни набавки. Процедурата на склучување на договор и исплата е следна.

Согласно предвидениот буџет и соодветно на потврдениот рејтинг на телевизиските медиуми, се склучуваат договори со националните и локалните телевизии за прикажување на одредени спотови или соопштенија.

 

Двете договорни страни ги усогласуваат следните услови:

-период на емитување, врз основа на кој самите медиуми доставуваат предлог медиа план , во кој е дефинирано времето на емитување, цената на емитување и бројот на емитувања во зависност од нивните ценовници.

-по разгледување на предложениот медиа план двете страни потпишуваат договори, со дефинирани рокови за емитување, сума, период и начин на исплата.

-по завршување на емитувањето, телевизиските медиуми доставуваат фактури соодветно на реализираните емитувања, со соодветна потврда (изјава заведена на нотар) дека емитувањата се вршени согласно медиа плановите, а се врши и соодветна контрола и се пристапува кон подготовка на исплатата на фактурите.

Нема ништо лошо ни спорно во реализацијата на активности за информирање на граѓаните за можноста за упис на Академија за судии и обвинители, за можностите за 1600 вработувања на социјално ранливи групи, за можностите за развој на туризмот, за промоција на вредностите од мултиетничкото и мултирелигиско општество, за промоција на семејните вредности, за славење на државните празници и други можности и проекти.

 

 Ова се многу прецизни факти и аргументи, многу јасни, факти базирани на еднаков пристап кон сите субјекти, на реализација на активности за информирање на сите субјекти врз основа на договори кои сме ги потпишале со нив и со кои се согласиле и ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ Канал 5, ТВ Алфа, ТВ Алсат и другите медиуми, а договорите се склучени врз основа на закон.

 

Ги повикуваме СДСМ да не се занимаваат со вакви лажни обвинувања, со конструкции и измислици, со блефирања и ситно политиканство, туку да се залагаат за проекти кои ќе носат економски раст и развој и нови вработувања како што ние се залагаме и ќе продолжиме да се залагаме.

 

21.01.2014 - 20:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега