Лалакос: Досегашното залагање на Грција говори дека сме за проширувањето на ЕУ со земјите од регионот

 

Амбасадорот на Република Грција во Република Македонија, Харис Лалакос, денеска во Брисел во своетообраќање истакна дека Грција се залага за проширување, особено со земјите од Западен Балкан, за што говори и нејзиното досегашно залагање.

- Ние сме за проширување со земјите од Западен Балкан затоа што сметаме дека тоа е најдобар начин на кој што ќе ја заштитиме и нашата стабилност, нашиот просперитет, кои не може да се отсечат од стабилноста и просперитетот на нашите соседи, изјави денеска Лалакос.

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими истакна дека зад проектот на ЕУ е идејата за мир и стабилност: - Грција во 2003 беше една од земјите која ја промовираше Солунската агенда за проширување на ЕУ со земјите на Западен Балкан. Овие земји припаѓаат на европското семејство и тоа е многу силна порака, но ние треба заеднички да работиме и да ја оствариме оваа цел, порача Бесими.

Пратеникот и претседател на Комисијата за европски прашања Антонио Милошоски од своја страна оцени дека недостига конзистентност и континуитет  по однос на приоритетите на грчкото претседателство.

- Грција со своето претседавање ќе може да покаже дека размисува повеќе европски отколку билатерално токму преку случајот на РМ. Кога и да се случи тоа, дали ова или следното претседавање, најдобро ќе биде Македонија кога ќе ги почне преговорите со ЕУ, Грција да биде гласен поддржувач и тоа ќе ја смени атмосферата во двете земји. Тоа ќе и донесе добро и на вашата земја, и на имиџот на вашата земја во РМ, но и во ЕУ, а тоа ќе биде историски исчекор на РМ напред за што генерациите ќе ни бидат благодарни, рече Милошоски.    

Гордан Георгиев од СДСМ истакна дека Грција како најстара членка во ЕУ од регионот би требало да има јасен политички концепт во однос на проширувањето и оти паролата на нивното претседателство  „Обединети пловиме понатаму“, во Македонија буди чувство дека ние не сме или не заслужуваме да припаѓаме на тој заеднички брод: - Предолго трае оваа одисеја за РМ. На крајот се плашам дека нема да остане ниту една Пенелопа која што ќе не дочека да се вратиме во ЕУ... Интеграцијата на Западен Балкан, а особено на РМ е прашање од регионална безбедност и од тој аспект апелирам до граѓаните на сите држави да не бидат заложници на ниту една власт, туку во европски дух да го откочиме процесот на евроинтеграции, рече Георгиев кој побара од Грција добра волја и да и овозможи исчекор во евроинтеграциите.

И евроамбасадоро Аиво Орав истакна дека треба да бидеме оптимисти за постигнување напредок.

21.01.2014 - 14:35
Фото: 
А1.он

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега