Синдикатите задоволни од сетот мерки што вчера ги најави Владата

 

Измените на Законот за минимална плата за седум дена ќе бидат разгледани на седница на Економско-социјалниот совет. За ова денеска информираше министерот за труд и социјала Диме Спасов.

- Целиот процес на зголемување на минималната плата се состои во тригодишна динамика, односно покачувањето ќе се реализира започнувајќи од март 2014 година, а ќе заврши во март 2016 година со што минималната плата ќе се зголеми и ќе изнесува 10.080 денари. Од март 2014 година, минималната плата ќе се покачи од сегашните 8.050 денари на 8.800 денари месечно, од март 2015-та минималната плата ќе изнесува 9.590 денари и од март 2016-та 10.080 денари со што работодавачите  ќе бидат обврзани да ја зголемат минималната плата, за што  ќе следат контроли бидејќи ќе бидеме цврсто посветени овој Закон да се применува целосно, истакна денеска министерот Спасов.

Во кожарската и текстилната индустрија се предвидува до 2016 година минималната плата да изнесува 9.000 денари и за нив ќе има уште две години прилагодување: - Ова е историски успех на синдикатите на работодавачите, но и на Владата на Република Македонија. Успех кој е во насока на подобрување и унапредување на животниот стандард на сите вредни и трудољубиви работници кои остваруваат минимална плата, оцени Спасов.

Синдикатите се задоволни од сетот мерки што вчера ги најави Владата. - Станува збор за чекор кој предвидува до 2016 година зголемување за 25, 2 проценти на платата во основните дејности, а со оглед на тоа дека оваа динимика ќе се следи и во кожарската и текстилната индустрија, до 2016 година тоа зголемување ќе изнесува 31,2 процент, а до 2018 година до 36,9 проценти, посочи Живко Митрески, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.  

21.01.2014 - 13:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега