Италијански компании заинтересирани да инвестираат во Македонија

Италијанска бизнис делегација деновиве ја посети Македонија на иницијатива на министерот за странски инвестиции Џери Наумоф. Посетата беше реализирана со цел да се поттикнат инвестициски проекти.

Претставниците на италијанските компании се специјализирани во областа на корпоративни спојувања и аквизиции, како и на инвестирање во странство и работат со најдобрите италијански асоцијации и стопански комори. Свои канцеларии имаат во Рим, Палермо и Милано.

Иван Бехаре, сопственик на адвокатското студио во Милано “Легале Бехаре”,  кое е специјализирано за давање  надворешни консултантски услуги, по вторпат ја посети Македонија за во соработка со министерот Наумоф да отвори канцеларија со цел посредување со италијанските бизнисмени кои ќе отворат или ќе го прошират својот бизнис во Македонија.

Се работи за компании од областа на информатичките технологии, компанија која е производител на сигурносна опрема, тим кој ќе развива кардио-медицински туризам, развивање на проекти од областа на енергетиката и компанија која се занимава со истражување, проектирање и инженеринг.

Според Бехаре, италијанските компании се посветени на инвестирање во Македонија поради конкурентните трошоци за водење бизнис, образованата работна сила и логистичка предност.

- Италија е блиску до Македонија, лесно достапна со редовни авионски конекции. Бизнис-пријателската средина во Македонија претставува големо олеснување во споредба со италијанската бизнис клима базирана на зголемени даноци и затегнати регулативи. Италијанските претставници планираат инвестициски проекти во Македонија препознавајќи ги про - бизнис предности кои Македонија ги нуди. Следниот месец предвидуваме неколку компании да ја посетат Македонија како би ја донеле својата одлука за избор на локација, се наведува во соопштението од кабинетот на Наумоф.

Италијанската делегација за време на престојот ги посети технолошко индустриските развојни зони, а исто така се сретна и со директорот на ТекноХозе.

Деновиве тие имаа средби со претставници во Министерството за земјоделство, на Агенцијата за поддршка на туризмот каде беа презентирани туристичките потенцијали на Македонија, а беше остварена посета на успешна ИТ компанија како и посета на реномирани правни, сметководствени и менаџерски консултантски фирми.

Оваа посета е резултат на службеното патување на министерот Наумоф во Италија кое беше реализирано, есента. Инаку Италија е една од индустриските најразвиени земји во Европа.

Министерот Наумоф и неговиот кабинет исто така работат и со други брзорастечки мали и средни италијански компании кои поставуваат свои бизниси во Македонија. Овие инвестициски проекти ќе вработат одлични работници со надпросечни плати, а исто така ќе се создаде трансфер на знаење know - how, се вели во соопштението

20.01.2014 - 15:22
Фото: 
lider.mk

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега